Почеток КУЛТУРА Наместо еден литар, млекото и јогуртот се намалија на 950 милилитри – нема крај на трговските трикови

Наместо еден литар, млекото и јогуртот се намалија на 950 милилитри – нема крај на трговските трикови

vecer.press
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Трговците правеле разни малверзации само за да не им се намали профитот поради намалената маржа на производите што беа опфатени со одлуката. Тие ги менувале пакувањата на производите само за да ја избегнат мерката, млекото и јогуртот наместо во литри, ги означувале во килограми. Надлежните органи велат дека во Македонија со закон е дозволено пакување од еден килограм или 1.000 грама на јогуртот, но познато е дека еден килограм е помалку од еден литар и изнесува 950 до 980 милилитри, во зависност од густината на јогуртот. На тој начин трговците ја компензирале загубата поради намалената маржа.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, обелодени дека еден голем производител на млеко и млечни производи одел со профитна маржа дури до 70 отсто на одредени производи што се опфатени со одлуката, каде што бруто профитната маржа е ограничена на 10 отсто.

– Сакам да образложам дека производителите можат да пласираат производи во пакување од еден килограм и од еден литар, но некои го злоупотребиле тоа. Она што е забележано на терен од инспекторите на Државниот пазарен инспекторат е дека на рафт стои дека јогуртот е еден килограм, а на етикетата за означување цени кај трговците на мало стои дека е еден литар. Со ова се доведуваат во заблуда потрошувачите, а ние, како институција, нема да го дозволиме тоа – вели директорот на Инспекторатот, Трајковски.

На ова укажаа и од Организација на потрошувачи на Македонија, дека производителите ги менувале пакувањата на производите само за да ја избегнат одлуката.

– Ние го детектиравме ова уште пред да биде донесена мерката за ограничени маржи. Но, досега никој од инспекциските органи не реагирал за таквото означување на производите. Нам ни беше кажано дека таквото означување на млекото и на јогуртот е договорено помеѓу производителите и трговците. Кога ги прашавме производителите, не добивме конкретен одговор – изјави за весникот ВЕЧЕР Маријана Лончар-Велкова од Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Таа вели дека е забележана промена во означувањето на производите по единица мерка само да се избегне одлуката.

– Кога ги означуваа производите, трговците одеа на тоа да ги означат со 980, односно 950 грама за да не влезат меѓу производите што се ставени на листата за ограничена маржа. И покрај тоа што со одлуката беше укажано дека 70 отсто од производите што се продавале минатиот месец, треба да бидат во продажба, но ги нема на рафтовите во маркетите – појаснува Лончар-Велкова.

На тој начин, како што вели, трговците ја компензирале загубата поради намалената маржа на производите.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија побараа Владата да биде поригорозна кон алчните трговци за да не се случи трговците повторно да ја изиграат мерката на грбот на работниците и на граѓаните.

– За жал, трговците го искористија периодот кога најавуваше Владата дека ќе се донесе ваква мерка и прво ги зголемија цените. Синдикалната минимална кошничка во делот на трошоците за храна и за пијалаци беше зголемена за некаде околу 750 денари за септември, а сега, за октомври, е намалена за некаде 960 денари, што ќе каже дека трговците беа алчни, повторно се обидуваа да заработат на грбот на работниците и цените што ги зголемија во септември, само ги намалија во октомври и повторно останаа со истиот профит што го имаа – изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

И од Организацијата на потрошувачи и од Синдикатот велат дека на терен има мал број инспектори не поради тоа што не сакаат туку поради тоа што имаат многу мал број луѓе, кои треба да контролираат огромен број трговци.

(А.С.)

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro