Почеток КУЛТУРА Инвестициите во прв план, за капитални расходи планирани 44 милијарди денари

Инвестициите во прв план, за капитални расходи планирани 44 милијарди денари

vecer.press
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Буџетот за 2025 година ќе биде развоен, но нема да биде занемарена и социјалната компонента. Капиталните расходи ќе бидат проектирани на ниво над 44 милијарди денари, а проекциите за буџетски дефицит и раст на БДП се поставени со Фискалната стратегија. Ова го истакна министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во телевизиско гостување и напомена дека иднината на државата е во насока на поголем развој за подобар живот за сите.

– Социјалата не може да се исклучи комплетно. Предвидена е поголема контрола, но ако сакате да ја намалите, треба да преземете нешто. Затоа се планирани мерки за преквалификација на примателите на социјална помош, со цел да почнат со работа. Исто така, ќе се стави поголем фокус на дигитализацијата на процесите во Министерството за социјална политика, демографија и млади – рече министерката.

Таа додаде дека дел од проекциите што ќе бидат пренесени во буџетот за 2025 година биле презентирани со усвојување на Фискалната стратегија, односно 4 % буџетски дефицит и 3,7 % проценти раст на БДП.

– Сè што е предвидено во рамките на буџетот – ќе биде реализирано. Капиталните расходи се планирани некаде над 44 милијарди денари, што, во овие услови, претставува одлично ниво. Притоа, за разлика од претходно, ќе се фокусираме на квалитетни проекти, како што се општинските, за кои се потпишаа договорите. Нема да отстапиме од таа реализација на проектираниот економски раст, бидејќи нашиот фокус се поддршка на инвестициите. Притоа, кога зборуваме за инвестициите, зборуваме за вистинска реализација на инвестициите. Тоа го потврдив и на состаноците во Вашингтон, со високи претставници на Меѓународниот монетарен фонд и на Светската банка – истакна министерката.

Таа очекува поголема активност кај проектите од коридорите 8 и 10-д, кои ќе се реализираат во подолг период од првично планираното за четири години, што, како што рече, било поздравено и од ММФ.

Министерката посочи дека ќе има раст на платите во образованието и во здравството, а во однос на минималната плата, наведе дека таа треба да биде врзана со продуктивноста. Во однос на јавниот долг, посочи дека тој на крајот на годината ќе биде, најверојатно, на ниво од 64 %, но дека тоа ќе зависи од реализацијата на крајот од годината, односно обврските што ќе бидат доставени за исплата.

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro