Почеток МАКЕДОНИЈА  Распишан меѓународен тендер за изградба на регионална депонија во Мечкуевци

 Распишан меѓународен тендер за изградба на регионална депонија во Мечкуевци

vecer.press
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Министерството за животна средина и просторно планирање, на 18 октомври, го распиша меѓународниот тендер за изградба на регионалната депонија во близина на светиниколското село Мечкуевци, изјави Ана Мазнева-Каранфиловска, од ова  министерство.

Изградбата на новиот современ систем за депонирање на отпад, опфаќа вкупно 18 општини од Источниот и Североисточниот Регион и Општина Свети Николе, која е дел од Вардарскиот Регион. Изградбата на депонијата треба да чини 40 милиони евра, а средствата се обезбедени од фондовите на Европската Унија.

Регионалната депонија ќе треба да опслужува околу 370.000 жители од двата региони и би имала вкупен капацитет да прими 900.000 кубни метри отпад. Предвидени се да бидат изграден претоварни станици за отпад во шест општини (Куманово, Ранковце, Штип, Виница, Македонска Каменица и во Берово), а во Мечкуевци да биде главната постројка каде отпадот ќе се преработува по европски стандарди. Изградбата на претоварните станици и регионалната депонија ќе се одвива паралелно, а додека не се изгради целиот систем нема да се пушти во работа централната инсталација за управување со отпад, односно самата депонија, постројката за механичко биолошки третман, пречистителната станица и линијата за селекција.

Во Источниот и Североисточниот регион се спроведуваат активности за затворање на нестандардните депонии и ѓубришта, кои во зависност од количината на отпадот, ќе подлежат на различни начини на ремедијација.

– Најмалите ѓубришта ќе бидат едноставно исчистени и отпадот ќе биде однесен на друга поголема блиска непрописна депонија. Одредени непрописни депонии ќе бидат преобликувани во своето депониско тело, отпадот ќе се компактира, ќе бидат прекриени со одредени слоеви кои ќе ја вршат улогата на собирање на депониски гас, ќе се собира депонискиот исцедок, ќе се изгради систем за собирање на површинските води и дренажен систем, финално запечатување на депонијата, како и раззеленување на последниот слој, ќе биде поставена ограда и влезна капија, ќе бидат изведени сервисни сообраќајници, мерни места за земање примероци за мониторинг на квалитетот на водите и гасот и слично – велат од Министерството.

Непрописните депонии што ќе го примаат отпадот сè до започнување со функционирање на меѓурегионалниот систем за управување со отпад засега ќе останат во функција, а ќе се затворат веднаш штом проработи регионалната депонија преку проект финансиран од ИПА ИИИ фондовите.

Во Македонија треба да се изградат пет регионални санитарни депонии. Освен во Свети Николе, такви се и депонијата Русино за Полошкиот Регион, депонијата Мегленци во општина Новаци за Пелагонискиот и Југозападниот Регион, депонијата Доброшинци за Вардарскиот и Југоисточниот Регион и скопската Дрисла.

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro