Струмичкиот градоначалник, Костадин Костадинов, вели дека не е намерата да се излезе од ЗЕЛС за да се биде надвор, туку за да се вклучи алармот за Владата и одредени министри малку посериозно да пристапуваат кон проблемите со кои се соочуваат 53 илјади граѓани на Струмица.
– Таков проблем имавме и во Гостивар, во еден период во државата околу 150 илјади луѓе беа оставени без пивка вода. Требаше Костадинов да излезе од ЗЕЛС за да почнеме сега да организираме состаноци, апсолутно не. Мора да градиме одговорен пристап кон граѓаните и кон институциите – истакна Костадинов.
Тој смета дека ЗЕЛС е заедница што треба да се грижи за интересот на сите општини, што треба да работи на процесот на децентрализација многу сериозно и неселективно.
– Струмица е четири недели без вода, тоа е само една од причините зошто го напуштив Управниот одбор на ЗЕЛС и зошто не се појавувам на состаноците на ЗЕЛС. Тоа е многу принципиелно, кога се обидуваме да политизираме процес како што е пивката вода, не може да не очекуваме и политички одговор или реакција. Затоа велам, сега е време кога треба да седнеме на маса. Ние го решивме нашиот проблем, сега е време за седнување на маса, каде што, зборувам за ЗЕЛС, ќе ги отвориме можностите и ќе ги отвориме темите што се предмет на разговор и се интерес на струмичанки и струмичани – посочи Костадинов.
Тој ги наброја проектите и програмите што се одобрени од ресорните министерства и се чека на нивна реализација.
– Тука мислам на атмосферска канализација во селото Муртино, за која имаме добиено средства и очекуваме да се распише јавна набавка. За филтер-станицата за пивка вода во населено место Банско за која, исто така, имаме одобрено средства и се чека распишување на јавна набавка. Немаме добиено известување написмено, кои се причините и дали е одбиен проектот за нов градски пазар во Струмица. Сè од институциите треба да добиеме на хартија. Зошто? За истото да може да го обжалиме. Имаме одлука на Влада и овде нескромно ќе се заблагодарам што е продолжен рокот. Во известувањето се вели за докомплетирање на проектите – ние имаме комплетиран проект. Ова не е обвинување, туку е детализирање на еден процес што е многу важен за струмичани – подвлече струмичкиот градоначалник.