УНРВА е агенција на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток, која ги снабдува со основни намирници милионите регистрирани палестински бегалци и нивните потомци во Газа, окупираниот Западен Брег, вклучувајќи го и анектираниот Источен Ерусалим, Јордан , Сирија и Либан. Таа управува со бегалски кампови, училишта и болници и е главен работодавач за илјадници Палестинци. Една од причините за забраната е тврдењето на Израел дека персоналот на УНРВА бил вмешан во терористичките напади на 7 октомври 2023 година. Забраната на оваа агенција предизвика остри реакции и барања да биде повлечена
Жителите на Газа остануваат без главниот извор на храна, а илјадници од нив и без работа и образование, откако во понеделникот израелскиот парламент – Кнесет усвои два закона со кои и се забранува на УНРВА да работи во Израел и им се забранува на израелските власти каков било контакт со УНРВА.
УНРВА е агенција на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток, која ги снабдува со основни намирници милионите регистрирани палестински бегалци и нивните потомци во Газа, окупираниот Западен Брег вклучувајќи го и анектираниот Источен Ерусалим, Јордан , Сирија и Либан. Таа управува со бегалски кампови, училишта и болници и е главен работодавач за илјадници Палестинци. Една од причините за забраната е тврдењето на Израел дека персоналот на УНРВА бил вмешан во терористичките напади на 7 октомври 2023 година.
Еден од предлагачите на новоусвоената регулатива е партијата Ликуд на премиерот Бенјамин Нетанјаху. Забраната на агенцијата на ОН е практично точка на децениските закани по нејзиното постоење, и покрај тоа што еден друг предлог –закон со кој таа би била прогласена за терористичка организација веќе не е во оптек.
Допрва се очекува затворање на седиштето на УНРВА во анектираниот Источен Ерусалим, каде што е нејзиниот административен центар преку кој дејствува на палестинските територии. Најавено е дека тамошните простории на агенцијата ќе бидат претворени во станови за ултраортодоксни семејства. Исто така, Израел ќе го прекине издавањето работни дозволи за персоналот на УНРВА, а ќе запре и координацијата со војската при доставување помош во Газа преку премините.
Забраната на УНРВА предизвика остри реакции. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, рече дека тоа може да има „катастрофални последици“, а вчера владите на Шпанија, Словенија, Ирска и Норвешка во заедничка изјава ја осудија одлуката на Израел и посочија дека законите одобрени од Кнесетот претставуваат многу сериозен преседан за работата на ОН и сите организации од мултилатералниот систем. Тие најавија дека ќе продолжат да работат со донаторите и земјите домаќини за да обезбедат одржливост на работата на УНРВА и нејзината хуманитарна улога. САД, пак, повика на повлекување на забраната.
УНРВА, која почна да им помага на околу 750.000 палестински бегалци во 1950 година, сега им служи на речиси шест милиони луѓе ширум Блискиот Исток.
Забраната на оваа агенција во Израел доаѓа по значителното редуцирање на можноста таа да дејствува во Газа веќе подолг период, што доведе до загрижувачки размери на хуманитарната катастрофа на таа територија. Хуманитарните организации и Обединетите нации секојдневно предупредуваа дека Израел ја блокира хуманитарната помош за северниот дел на Газа и дека жителите на енклавата, особено раселените, се соочуваат со огромен недостиг на храна. Снимка што деновиве ја објави „Гардијан“ покажува луѓе како се туркаат за да земат леб, а некои од нив сведочат дека чекаат по шест часа. Исто така, раселените во Газа се соочуваат со недостиг на чиста вода, лекови и медицинска помош, со оглед на тоа дека најголемиот дел од болниците се разурнати во израелските напади.
Израел: УНРВА е скапано дрво, ќе соработуваме со други агенции
Израел ќе користи други меѓународни агенции, меѓу кои и тие на Обединети нации, соопшти Министерството за надворешни работи на Израел откако Кнесетот ги усвои законите со кои се забранува УНРВА.
-Израел е посветен на меѓународното право и на обезбедување хуманитарна помош за Газа и ќе продолжи да дејствува на оваа тема со агенциите на ОН и меѓународните организации како што се Светската програма за храна, УНИЦЕФ, Светската здравствена организација и голем број други организации, придржувајќи се кон меѓународните обврски, рекоа од Министерството.
Оттаму соопштија дека Хамас широко и длабоко е инфилтриран во УНРВА во Газа.
-Вработените на УНРВА беа вклучени во ужасниот масакр на 7 октомври. Покрај тоа, Израел им предаде на ОН детали за дополнителни 100 оперативци на Хамас кои се вработени во УНРВА, но УНРВА не презеде никакви мерки за справување со ова прашање и не оди напред со какви било сериозни чекори за справување со терористичките оперативци во нејзините редови, наведе Министерството, кое УНРВА во Газа ја нарекува скапано дрво целосно заразено со терористички оперативци.