Почеток БАЛКАН Бугарите влегоа во извештајот за Македонија, но во Уставот нема да влезат без гаранции!

Бугарите влегоа во извештајот за Македонија, но во Уставот нема да влезат без гаранции!

vecer.press
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Бугарите во Македонија и барањето да се вметнат во македонскиот Устав влегоа во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава кон Унијата. ЕК во извештајот вели дека земјава претставува добар пример за мултиетничко општество, но посочува дека мора да ја зајакне довербата во правосудниот систем, да го интензивира темпото на реформите поврзани со ЕУ, како и да ја исполни преземената обврска за комплетирање на уставните измени. Покрај усвојувањето на уставните измени, во Извештајот се нагласува потребата од „спроведување со добра волја“ на билатералните договори со соседните земји, односно на Договорот од Преспа и на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.

-Северна Македонија сè уште нема усвоено релевантни уставни измени со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во границите на државата и кои се дел од друга заедница, како Бугарите, што земјата се обврза да ги започне и постигне. Билатералните договори со соседните земји треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни, вклучително и Преспанскиот договор меѓу Грција и Северна Македонија и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија, пишува во нацрт-извештајот.

Судски епилог за „лица од висок профил“

Во документот се повикува и на интензивирање и на темпото на реформи поврзани со приближувањето кон ЕУ, пред сè на зајакнување на владеењето на правото, зголемување на довербата во правосудниот систем, како и на спроведување на истрагите, гонењето и конечното завршување на долготрајните судски процеси поврзани со „лица од висок профил“.

– Северна Македонија треба да продолжи со спроведувањето на реформите поврзани со зачленувањето во ЕУ, пред сè оние од кластерот „Основни вредности“, како судските реформи, борбата против корупцијата и организираниот криминал, се вели во Предлог-извештајот.

Во делот на пристапниот процес на земјава се потсетува дека првата Меѓувладина конференција помеѓу ЕУ и Македонија, со што беше означен официјален старт на преговорите за членство, се одржа во јули 2022 година, а скрининг процесот по сите шест кластери заврши во декември 2023 година.

– Комисијата со нетрпение очекува брзо и решително следење на скрининг извештајот за кластерот „Основни вредности“, вклучително и во однос на патоказите на земјата во согласност со Преговарачката рамка, со цел да се отвори првиот кластер што е можно поскоро, кога ќе се исполнат релевантните услови, се наведува во Предлог-извештајот на ЕК за земјава.

Нов импулс во проширувањето  

Во заклучоците, Европската комисија посочува дека дваесет години по најголемото проширување на ЕУ за десет земји членки, пристапувањето во ЕУ останува клучен двигател на долгорочната безбедност, мирот, стабилноста и просперитетот во Европа. Комисијата смета дека процесот на проширување добил нов импулс во текот на 2023 и 2024 година, посочувајќи ги клучните поместувања за овој период.

-Кластерот за основи беше отворен со Албанија на 15 октомври 2024 година. Преговорите за пристап беа отворени со Украина и Молдавија на првите меѓувладини конференции во јуни 2024 година. Од правните поглавја, Црна Гора е на пат привремено да ги затвори понатамошните преговарачки поглавја. Во март 2024 година, Европскиот совет одлучи да ги отвори пристапните преговори со Босна и Херцеговина. Процесот на проверка беше завршен и со Албанија и со Северна Македонија на крајот на 2023 година, пишува во нацрт-заклучоците и препораките.

Комитетот на постојани претставници на владите на земјите членки во Европската Унија (Корепер), во септември донесе одлука Албанија на 15 октомври да ги отвори преговорите со ЕУ по поглавја, со што земјата практично се одвои од Македонија на европскиот пат, иако до тој момент двете земји се движеа во пакет во пристапниот процес. По првата меѓувладина конференција со ЕУ, во јули 2022 година, Македонија го спроведе скринингот, но понатамошниот преговарачкиот процес по поглавјата беше запрен поради неисполнувањето на преземената обврска за промена на Уставот.

Премиерот Христијан Мицкоски стои цврсто на ставот дека не прифаќа уставни измени под бугарски диктат и вели дека Собранието може да ги усвои измените, но тие да бидат со одложено дејство – да стапат на сила тогаш кога Парламентот во официјална Софија ќе го ратификува договорот за членство на Македонија во Унијата, или пак земјава да добие гаранции од ЕУ дека ова е последен билатерален услов и дека нема да има нови услови од Бугарија во преговарачкиот процес. Ваквите ставови премиерот ги пренел и лично на средбите со високи европски претставници во Берлин и во Брисел изминатиот период, како и на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, со која минатата недела имаше средба во Скопје. Ниту Фон дер Лајен, ниту Мицкоски не открија дали за Брисел се прифатливи ваквите барања од Македонија за одложено дејство.

Пред документот официјално да биде објавен, премиерот денеска изјави дека очекува извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава да биде сличен како и претходниот извештај со одредени подобрувања во некои области.

– Од овој извештај, од тоа што можам да го добијам како неофицијална информација, опфаќа период од 10 месеци од претходната влада и техничката влада, два месеца од оваа Влада и е нешто помал бидејќи е променет форматот за да биде прегледен за граѓаните и за јавноста. Очекувам да биде нешто слично како и минатиот извештај, можеби во некои области да има некакви подобрувања, но да го добиеме и официјално, па ќе го коментираме, рече Мицкоски.

За попладнево е предвидено евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас, да ги предаде копиите од Извештајот за напредокот на претседателката Гордана Силјановска-Давкова, на претседателот на Собранието Африм Гаши и на премиерот Христијан Мицкоски. Утре, Рокас треба да ги предаде копиите од Извештајот и до претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми. (В.С.Н.)

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro