Во рамките на фестивалот „Златна лира“, во Музејот на македонската борба, на 31 октомври, во 20:00 часот ќе настапи добитникот на наградата „Златна лира“ за 2023 година – „Трио Аура“. Камерниот состав „Трио Аура“ го сочинуваат тројца истакнати македонски музички уметници: флејтистот Страшо Темков, пијанистката Ана Гацева и фаготистот Марјан Милошевски, кои истовремено се редовни професори на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
На програмата се дела на Т. Јанса, Ф. Девиен, М. Бонис, З. Новачиќ, Х. Битфинк.
„Трио Аура“ има долга и богата концертна кариера, како во Македонија така и на меѓународната сцена. Неговиот репертоар вклучува бројни солистички и камерни настапи низ светот, на кои добива исклучително позитивни критики. Музичките рецензенти ги нарекуваат „мајстори на својот инструмент“, а нивните импресивни настапи на значајни фестивали како „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Златна лира“, „БУНТ Белград“, Софија, Нишки фестивал, „Барски љетопис“, „Еспресиво“ – Цетиње, Нимус, Ледамус, Врање, Ваљево ги позиционираат меѓу најдобрите и најактивни музички изведувачи во Македонија. „Трио Аура“ изведува дела од различни музички епохи и стилови. Впечатлива е нивната посветеност на промоцијата на нови дела од македонски композитори, специјално компонирани за нивниот состав. Нивното високо естетско камерно музицирање се карактеризира со „изразено чувство за експресивност, музичка симбиоза и компактност на звукот и на изразот“. Влезот на концертот е слободен.