Македонската специјална олимписка репрезентација освои три медали на Европската пливачка средба на Специјалната олимпијада во Монако, која е под покровителство на принцезата Шарлин.
Во конкуренција на 180 натпреварувачи, со медали се закитија Јулијана Петровска и Стефан Трпковски (два).
Јулијана Петровска се натпреваруваше на 50 метри пливање во слободен стил, пласирајќи се на четвртото место и освојувајќи бронза во категоријата 25 метри грбно пливање. Кај дамите настапи и Катерина Петковска, која дојде до четвртото место на 25 метри слободен стил, како и на 25 метри грбно пливање.
Најуспешен на оваа Олимпијада, кога се нашите спортисти во прашање, беше Стефан Трпковски, кој се истакна со два бронзени медала, пласирајќи се на третото место во категоријата 25 метри грбно и на 25 метри пливање во слободен стил.
Марио Мицковски, пак, покажа извонредна издржливост, натпреварувајќи се на 50 метри и на 100 метри пливање во слободен стил, каде што постигна најдобри времиња, но од здравствени причини не настапи на финалните трки.
Претседателката на Специјалната олимпијада Северна Македонија, Моника Бошкоска, ја изрази својата одушевеност од напорите на тимот и покрај огромната конкуренција.
- Нашите атлети демонстрираа дека со решителност, редовни тренинзи и посветеност може да се постигне извонреден успех на меѓународната сцена. Ова е еден од бројните успеси на атлетите на Специјалната олимпијада Северна Македонија, кои продолжуваат да нè претставуваат во најдобро светло и да ја прават Македонија горда. Докажавме дека можеме да бидеме рамноправни и со најголемите светски сили, да победуваме и да освојуваме медали. Ја користам оваа можност да му честитам на тренерот и селектор Игор Димоски, кој, со своите искуство и посветеност, е заслужен за успесите на нашата пливачка делегација. Огромна благодарност до организаторите и до принцезата Шарлин што беа домаќини на ваков инспиративен настан, кој ги покажува во практика моќта на спортот и улогата што ја има во инклузијата на лицата со интелектуална попреченост – истакна Бошкоска.
Под покровителство на принцезата Шарлин, Европската пливачка средба на Специјалната олимпијада обедини на едно место голем број атлети – пливачи од 27 европски земји на култниот стадион „Луј Втори“ во Монако. Учесниците се натпреваруваа во пливање, во неколку категории: 25, 50 и 100 метри слободен стил на пливање, грбен и граден стил на пливање.
Специјалната олимпијада Северна Македонија останува посветена на зајакнувањето на атлетите со интелектуална попреченост, обезбедувајќи им можности да го постигнат својот целосен потенцијал преку употреба на трансформативната моќ на спортот.