Од 3 до 10 ноември, Националнопт парк „Шар Планина“, во соработка со ловни друштва ќе се направи проверка на бројната состојба на дивата свиња и срна, со оглед на тоа што собраните податоци се загрижувачки.
Оттаму, велат дека бројните состојби на овие диви животни се под биолошкиот минимум.
– Во периодот од февруари до октомври, чуварската служба на НП „Шар планина“ спроведе низа мерки за следење на состојбите во природата со комбинирана методологија, преку спроведена интензивна фото сесија реализирана на седум локации со 40 фото-замки, со окуларно набљудување на дивите животни преку редовно патролирање и редовно неделно пребарување на теренот за угинати диви свињи. Досега се евидентирани 11 единки на дива свиња од предвидениот матичен фонд по Годишниот план за заштита и одгледување од 220 единки, а на срна изнесува 34 единки од предвидените 190 – изјавија од националниот парк.
На состанокот одржан во петокот со претставници на ловечките друштва: „Љуботен“, „Шчипоња е Шарит“, „Кучи Баба“ и „Шар Планина“, се разговарало како да се спроведе решението од Агенцијата за храна и ветеринарство за заштитни и контролни мерки за спречување на болеста африканска чума кај дивите свињи на територијата на националниот парк.
– Ќе ја следиме здравствената состојба на дивечот и ќе преземеме мерки за спречување и ширење на евентуални заболувања, особено на забрана за лов на сите видови дивеч и контрола на движењето и вознемирувањата. Преку овие мерки ќе се обезбеди остварување на стратешките плански цели за трајно одржување на биолошкиот капацитет на автохтоните видови диви животни, а особено ќе се оптимизираат популациите на овие два критични вида – истакнаа од НП „Шар Планина“.