Почеток Скопје Меџити бара да се огради „Дрисла“, а за медицинскиот отпад да се купи нов акцелератор

Меџити бара да се огради „Дрисла“, а за медицинскиот отпад да се купи нов акцелератор

vecer.press
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, заедно со претставници од Државниот инспекторат за животна средина и Управата за животна средина, денеска, го посетија ЈП „Дрисла“, откако околните жители се пожалија на лошото управување со депонијата, како резултат на што има драстично влошување на здравствената состојба на жителите на селото Батинце и околината. Тие побараа современа депонија со еколошки и европски стандарди.

Министерот истакна дека на средбата институциите пројавиле интерес да помогнат да се реши проблемот со депонијата, но и укажа на потребата да се преземат одредени чекори да не и се штети на животната средина, бидејќи како што истакна тој, се работи за депонија од големо значење за град Скопје, но и за околните градови.

-Разговаравме дека треба да се врати оградувањето на депонијата и да се преземат други инвестиции. Разговаравме детално, да се преземе се во функција на подобра животна средина – изјави Меџити.

Според директорот на ЈП „Дрисла“, Ненад Јосевски, освен оградувањето на депонијата, во периодот 2025/2026 година треба да се изработи и пречистителна станица, но и да се изготви техничка спецификација за набавка на акцелератор за уништување на медицинскиот отпад.

Како што објасни Ивана Гиновска, директор на Државниот инспекторат за животна средина, на 10.9.2024 година биле земени мостри од Маркова Река, по дојава дека таа е загадена од отпадот од депонијата.

-Мострите се дадени во акредитирана лабораторија каде што се констатирани надминувања. Поради тоа на ЈП „Дрисла“ му е издадено решение за прекршок и е дадено на суд кој треба да одлучи за висината на казната – нагласи Гиновска.

Таа додаде дека според новиот закон казните се движат од 120.000 до 180.000, па дури и до 200.000 евра.

Освен тоа, таа информираше дека било разговарано и за тоа дека е потребно да се набави нова цевка за да се постават и филтри.

-Затоа сме тука, да видиме што можеме финансиски да помогнеме во модернизација на оваа депонија – заклучи Гиновска.

(А.П.) 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro