Американците го избираат 47. претседател помеѓу демократската кандидатка Камала Харис која е актуелна потпретседателка и републиканецот и поранешен претседател Доналд Трамп.
Исходот во оние држави каде заврши гласањето, според неофицијалните медиумски проекции, засега се според очекувано, но сè уште не се познати резултатите во т.н. одлучувачки држави.
Како што се очекуваше, според неофицијалните проекции, Трамп победи во Алабама, Арканзас, Флорида, Индијана, Кентаки, Луизијана, Мисисипи, Охајо, Оклахома, Јужна Каролина, Јужна Дакота, Тенеси, Тексас, Западна Вирџинија и Вајоминг.
Харис, пак, според проекциите е прогласена за победник во Конектикат, Делавер, Илиноис, Мериленд, Масачусетс, Њу Хемпшир, Њу Џерси, Њујорк, Род Ајленд и Вермонт.
Според проекциите, Трамп досега на свое конто има 178 гласови од изборниот колеџ, а 99 има Харис.
Меѓутоа, резултати од „одлучувачките држави“ како Аризона, Џорџија, Мичиген, Невада, Пенсилванија и Висконсин, допрва треба да пристигнат.
Првиот кандидат кој ќе обезбеди 270 гласови од изборниот колеџ ќе стане 47-ми претседател на земјата.
Според американскиот систем, граѓаните не одлучуваат кој ќе стане претседател, туку тоа го прави изборниот колеџ со 538 членови, во кој секоја држава добива однапред одреден број електори еднаков на бројот на претставници што ги има во Конгресот.
Без разлика кој ќе победи во тесната битка, не може да се негира дека се историски избори.
Доколку тоа биде Трамп (78), тој ќе биде најстариот претседател според возраста во моментот на инаугурацијата, првиот осуден претседател, а само вториот кој ќе служи отслужи два мандати кои не се последователни – еден по друг.
Харис (60), пак, ќе биде првата жена претседател, прв шеф на државата со јужноазиско потекло, а втор претседател со црна боја на кожата (по Барак Обама).
Најмалку две излезни анкети, едната спроведена од NBC News, а другата од AP VoteCast, покажаа дека едно од најважните прашања за гласачите на овие избори е демократијата, прашање што го покрена Харис во нејзината кампања.
Околу четворица од 10 гласачи, пак, сметаат дека економијата и работните места се најважниот проблем со кој се соочува земјата, според анкетата на AP VoteCast. Околу двајца од 10, пак, сметаат дека главното прашање е имиграцијата, а околу еден од 10 го истакнуваат правото на абортус.