Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини од утре започнува со доделување на вредносни ваучери на 6.182 домаќинства за купување и поставување на инвертер клима. Оваа мерка е во насока на остварување на целите на Владата за поддршка на животниот стандард на граѓаните и намалување на аерозагадувањето.
Со цел да се избегнат одредени забуни во јавноста, изборот на добитниците на вредносните ваучери, како и изборот на правните субјекти кај кои ќе може да се искористат вредносните ваучери, беа спроведени од страна на Министерството за економија, согласно критериумите на јавниот повик. По направениот избор, новоформираното Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини е одговорно само за организирање на доделувањето.
Со цел олеснување и поефикасно доделување на ваучерите на граѓаните, процесот на дистрибуција оваа година е организиран со поголема флексибилност и достапност.
Доделувањето на ваучерите ќе се одвива по следниов распоред:
Скопје – СЦ Борис Трајковски од 9 до 17 часот во четврток, 7.11.2024
Битола – Спортска сала „Боро Чурлески“ од 9 до 17 часот во четврток, 7.11.2024
За останатите градови, подигнувањето на вредносните ваучери ќе биде во центрите за вработување за што Министерството склучи меморандум за соработка со АВРМ.
За граѓаните што нема да бидат во можност да ги подигнат ваучерите на одредениот датум, обезбедена е дополнителна флексибилност – ваучерите да можат да ги подигнат до крајот на месецот, во просториите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Преку програмата за енергетска ефикасност во домаќинствата добитници на вредносен ваучер од 23.000 денари или 25.000 денари се 4.591 домаќинство, а преку програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија добитници на вредносни ваучери во вредност до 30.000 денари се 1.591 домаќинство.