Судијката во Основниот суд во Битола, Цветанка Никодиновска, денеска не дозволи снимање и фотографирање на судењето против поранешениот претседател на згаснатото бугарско здружение „Ванчо Михајлов“, Љупчо Георгиевски, иако новинарите на ТВ Телма и порталот „Сакам да кажам“ имаа акредитација од Врховниот суд на Македонија.
Таа го попречи известувањето на медиумите со тоа што забрани камери да влезат во Судот и побара да им бидат одземени мобилните телефони на новинарите, а забрани да ги користат дури и во холот на Судот, пред да почне судењето. Потоа, кога расправата беше при крај, ги спречи екипи на ТВ Телма и „Сакам да кажам“ да ја напуштат судница и се закани дека следниот пат нема да им дозволи да присуствуваат.
Во решението издадено од Врховниот суд пишува дека се одобрува снимање и фотографирање на судскиот процес по предметот К 289/23, а даденото одобрение од страна на Претседателот на Врховниот суд е со важност до завршување на расправата по предметот. Ако снимањето е одобрено, советот на главната расправа може од оправдани причини да одлучи одделни делови да не се снимаат, но никаде не е наведнео дека се забранува снимање на расправата.
Обвинителската Оливера Нечаковска побара казна за скопскиот адвокат Насер Рауфи поради злоупотреба на правата од Законот за кривичната постапка со цел одолговлекување на судскиот процес во кој обвинет е Љупчо Георгиевски. По кусо разгледување на барањето Рауфи возврати дека ќе бара изземање на обвинителката, во писмена форма. Судијата Никодиновска донесе одлука дека во вакви околности не може да продолжи главната расправа, па судењето го одложи за 28 јануари следната година.
Последното рочиште беше одржано на 19 декември лани, досега два пати беше одложено судењето по барање на одбраната, и со денешното одлагање значи дека повеќе од една година се пролонгира целиот процес.
На Георгиевски му се суди за две дела предизвикување национална и расна омраза и нетрпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем.
Клубот „Ванчо Михајлов“ е избришан од Централниот регистер, ама сега членовите регистрираа нов клуб под името „Една роза“ и ги задржаа просториите во објектот на улица „Рузвелтова“ во Битола, некогашно еврејско маало.