Главна цел на секоја Програмата за заштита на населението од ХИВ е одржување ниска преваленца на ХИВ во земјава, и тоа преку универзален пристап до превенција, третман, грижа и поддршка, базиран на почитување на човековите права и недискриминација. За реализирање на овие превентивни мерки за борбата против ХИВ, минатата влада во Програмата за 2024 година од буџетот одвои сто милиони денари, додека пак, тринаесет граѓански организации и Црвениот крст на Македонија, како дел од Платформата на граѓански организации што спроведуваат услуги за превенција на ХИВ, тврдат дека во новата Програма за 2025 година средствата се намаелни за 10 милиони денари, односно оваа сума сега изнесува само 90 милиони денари.
Тие им пишаа писма на министерот за здраство Арбен Таравари, министерката за финансии Гордана Кочоска-Димитриеска и до премиерот Христијан Мицкоски, во кои бараат 131 милион денари, а не само 90 милиони денари, односно дека со ваквата одлука Владата ги стопира превентивните тестирања во кои се опфатени и ранливи и маргинализирани групи на граѓани.
„Исклучително сме загрижени што, според нашите информации, буџетот за програмата за ХИВ за 2025 е предвиден засега да изнесува само 90 милиони денари, што нема да бидат доволни ниту за обезбедување животоспасувачка терапија, а во однос на мерките за превенција, тоа ќе значи целосно нивно затворање. Огромни се загриженоста и вознемиреноста кај пациентите од тоа постојано стравување дали навреме ќе има терапија и дали ќе се случи прекин на терапијата. Што, секако, тоа не смее да се дозволи, мора да се избегне по секоја цена, бидејќи може да значи драстично влошување на нивната здравствена состојба, а исто така може да значи и појава на отпорен, резистентен вирус, што понатаму ќе бара многу поголеми трошоци за третирање и исто така, ќе значи ризик од раширување на епидемијата“, рече извршниот директор на Здружението за поддршка на луѓето кои живеат со ХИВ – „Заедно посилни“, организација на пациентите со ХИВ, Андреј Сених.
Сених, рече дека според нивните информации буџетот за програмата за ХИВ за 2025 е предвиден засега да изнесува само 90 милиони денари, а тие бараат 131 милион денари.
Секоја година во земјава со ХИВ заболуваат 46 лица, а во моментот околу 400 се на терапија.