Почеток КУЛТУРАЉутков од министерскиот форум во Рим: Културното наследство да стане двигател на одржлив туризам

Љутков од министерскиот форум во Рим: Културното наследство да стане двигател на одржлив туризам

Макфакс
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, учествува на првиот министерски форум „Поврзување на дестинациите: Италија – Балкан туристички форум“ (Bridging Destinations: Italy – The Balkans Tourism Forum), што денеска се одржува во Рим, Италија.

На форумот, на кој учествуваат министри за туризам од Албанија, Србија, Хрватска, Бугарија, Грција, Црна Гора и од Македонија, како и претставници на бизнис-секторот од Италија, се одржаа неколку панел-дискусии посветени на создавање нови заеднички туристички програми, производи и иницијативи за подобро интегрирање на балканскиот и на медитеранскиот туристички простор.

Во своето обраќање министерот Љутков пред присутните ја нагласи потребата од регионална интеграција во туризмот потенцирајќи дека Балканот треба да се гледа како единствена туристичка целина, а не како изолиран пазар.

„Туризмот е многу повеќе од економија, тоа е мост што ги поврзува луѓето, културите и историјата. Балканот има шанса да стане обединета дестинација, која ќе нуди уникатно, автентично и мултинационално искуство“, истакна Љутков.

Тој предложи Балканот да се вклучи како образовна рута во италијанскиот едукативен систем преку организирање екскурзии за ученици и студенти, кои би се запознале со културното наследство на регионот и би ја продлабочиле врската меѓу Италија и земјите од Југоисточна Европа.

Министерот ја промовира и идејата за создавање нови заеднички програми, продукти, проекти, кои би ги обединиле земјите од регионот и Италија како една дестинација. Во тој контекст, како конкретна иницијатива, тој предложи соработка во рамките на проектот „По стапките на славните Римјани“, кој ќе ги поврзе историските и археолошките локалитети од Македонија, од Балканот и од Италија, а со цел да се привлечат туристи од глобалниот пазар, особено од Азија, Америка и од Блискиот Исток.

Министерот Љутков потенцира дека Македонија нуди препознатливо, автентично и културно богато туристичко искуство, што е во тесна врска со интересите на италијанските патници, особено оние што бараат историја, авантура и култура. Тој ги посочи локалитетите Стоби, Таор и Охрид како силни туристички адути на Македонија, особено привлечни за љубителите на античката историја и на културен туризам, а Вевчани и Крушево ги издвои како успешни примери за одржлив и зелен туризам.

„Со визија, почит и креативност можеме да го претвориме културното наследство во вистински двигател на одржлив туризам и европска поврзаност. Заедно со Италија можеме да изградиме не само мостови меѓу дестинациите, културите, туку и меѓу народите“, порача Љутков.

Инаку, форумот, кој е во организација на Министерството за туризам на Италија, има цел да поттикне соработка и стратешко позиционирање на Италија и на земјите од Балканот како единствена туристичка дестинација. Учеството на Македонија, пак, претставува значаен чекор кон нејзино поинтензивно интегрирање во регионалните и во европските туристички текови, поголема видливост на македонската туристичка понуда, зајакнување на институционалната соработка, пристап до добра практика, како и позиционирање на земјата како дел од една поширока европска туристичка приказна.

Текстот Љутков од министерскиот форум во Рим: Културното наследство да стане двигател на одржлив туризам е превземен од МАКФАКС.

Можно е и ова да ти се допаѓа