Кога со вас имате шестмина средношколци, некои од нив малолетни, одговорноста е огромна. Притисокот дополнително расте кога сте на речиси 10.000 километри од дома, а снемува опции за излез од настанатата состојба. Купувањето нови авиобилети во еден момент изгледаше како единствена опција, а тоа ќе нè чинеше вртоглави 13.000 евра, раскажува проф. д-р Миха Буклески
Што правите кога сте 10 илјади километри далеку од дома, одговорен за шест млади луѓе, некои од нив малолетни, со освоени два медала за својата татковина, вашите колеги, среќни, влегуваат во авион што ќе ги однесе дома, а вам ви велат – не можете да влезете … Ова е авантурата на македонскиот тим што ја претставуваше Македонија на 59. Менделеева олимпијада по хемија што се одржа од 5 до 13 мај во Бело Хоризонте, Бразил. Тимот за првпат освои две бронзени медали на престижниот натпревар. Двете бронзени медали на олимпијадата во Бразил ги освоија Марио Ванчоски од штипската гимназија „Славчо Стојменски“ и Петар Мирчевски од гимназијата „Мирче Ацев“ од Прилеп. Во тимот беа и Иван Костевски и Даниел Христов од „Славчо Стојменски“ и Теона Ана Георгиевска и Елена Живаљевиќ од „Јахја Кемал“ од Скопје.
Македонскиот тим на Менделеевата олимпијадам 2025
Натпреварите по хемија во Македонија и учеството на нашите тимови на меѓународните олимпијади го организира Сојузот на хемичари и технолози на Македонија (СХТМ). Ментори на учениците се членови на Сојузот, претежно универзитетски професори од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет од Скопје. Ментор на учениците на Менделеевата олимпијада беше проф. д-р Миха Буклески. Натпреварувачите од сите научни здруженија од Македонија со години се соочуваат со тешки финансиски проблеми, зашто до пред еден месец немаа поддршка од Министесртвото за образование и наука и најголем дел од трошоците само ги обезбедуваа иако се натпреваруваа под државното знаме. Со измените на Законот за средно образование донесени во пред два месеца се овозможуваат услови за полесно функционирање.
Буклески ја почнува приказната за патешествието во Бразил, објаснувајќи какви сè последици предизвикуваат финансиските проблеми и досегашните нестабилни буџети.
На аеродромот во Париз – рационално искористено време за подготовки
– Секогаш сме во неизвесност за учеството на избраниот тим на меѓународните натпревари. Но, некако се навикнавме на тие проблеми и знаеме што да очекуваме и со какви дополнителни тешкотии ќе се соочуваме. Откако ќе се обезбедат финансиите (се разбира, никогаш навремено), следуваат проблеми со зголемените цени на авиокартите, а на крај и нивното распродавање. Последниов пат се соочивме со целосно резервирани летови од Скопје, па мораше да бараме алтернативен превоз. Отпатувавме до аеродромот во Белград, па полетавме за Париз. Авионот од Париз доцнеше еден час и ја пропуштивме врската за Бело Хоризонте. Но, тоа веќе редовно се случува на нашите патувања и бевме ментално подготвени. Откако го фативме следниот лет за Бело Хоризонте, пристигнавме на крајната дестинација 8 часа по предвиденото време за пристигнување. Поучени од минатогодишните искуства, тргнавме еден ден порано, па така успеавме да стигнеме на време – раскажува Буклески.
Зошто го пропуштиле летот?
Македонското учество на Менделеевата олимпијада по хемија од 2019 година наваму е поддржувано од страна рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин, со исклучок на периодот од 2020 до 2022 година, кога заради пандемијата, натпреварите се одржуваа на далечина.
– За нас, оваа олимпијада е и доказ дека поддршката и вербата во младите таленти можат да направат значајна разлика. Амбасадорот со својата долгогодишна ангажираност покажа дека вистинската посветеност кон науката и образованието надминува граници и е над политиката на државите. Неговата поддршка ни дава дополнителен мотив да продолжиме да се бориме за врвни резултати, за што му изразуваме искрена и длабока благодарност – објаснува Буклески.
Во Руската амбасада во Скопје, проф. д-р Миха Буклески (лево) со амбасадорот Сергеј Баздникин
По завршувањето на натпреварот годинава, сериозен проблем настанал на враќање. Од локалната авиокомпанија „GOL Airlines“ им бил одбиен влез во авионот со образложение дека има проблем со нивната резервација.
– Нè упатија да стапиме во контакт со Air France, компанија од која беше набавена авионската карта. Air France немаат претставништво во Бело Хоризонте, па мораше телефонски да стапиме во контакт. Од авиокомпанијата GOL одбија да контактираат со нив и покрај тоа што се партнерски авиокомпании. Во текот на решавањето на проблемот и телефонските јавувања до авиокомпанијата, како и туристичката агенција преку која беа набавени авиобилетите, авионот за Сао Пауло замина, а ние останавме „заглавени“ на аеродромот во Бело Хоризонте – раскажува Буклески.
Телефонски биле информирани дека во системот на Air France сè е во ред со резервацијата, а следни слободни места за враќање има дури на 19 мај (6 дена подоцна). Со завршувањето на работното време на претставништвото на Air France во Белград и на туристичката агенција во Скопје, проблемот останал да се реши следниот ден.
На пат кон дома (од Лисабон за Порто)
– Трошоците за сместување и храна кои следуваа требаше да ги покриеме сами. Дури следниот ден, 30 часа по предвиденото време за полетување, се качивме на авион, кој сега требаше да нè одведе преку Лисабон и Порто до Белград, а потоа повторно со комбе да патуваме до Скопје – раскажува Буклески.
Што кога сте одговорен за 6 средношколци?
Кога со вас имате шестмина средношколци, некои од нив малолетни, одговорноста е огромна. Притисокот дополнително расте кога сте на речиси 10.000 километри од дома, а снемува опции за излез од настанатата состојба.
– Купувањето нови авиобилети во еден момент изгледаше како единствена опција, а тоа ќе нè чинеше вртоглави 13.000 евра. Но, кога е во прашање безбедноста и безбедното враќање дома, подготвени сте на сè. Во целата комуникација со авиокомпанијата и со агенцијата расположението во тимот беше на високо ниво. И покрај сериозноста на ситуацијата, шегите на наша сметка не изостануваа. Се смеевме, но и бевме конструктивни, сите заеднички дававме предлози за излез од состојбата. Родителите беа информирани и им беше укажано дека сме безбедни и дека ќе се најде решение, дека нема место за паника. Разбирливо, тие беа многу загрижени, иако за тоа немаше потреба. Не бевме во животозагрозувачка состојба, а беше обезбедено сместување за ноќта која доаѓаше – раскажува Буклески.
Координативни активности во хотелот, по испуштениот лет за Сао Пауло
Во вакви ситуации менторот е одговорниот за да го врати тимот дома. Тој наоѓа решенија, врската, контактот, одговорното лице. Во тој момент, менторот станува и туристички водич, агент, родител, обезбедување … На патување на далечни дестинации и менување летови веројатноста за доцнење, откажување и пропуштање на лет е поголема, па мора да бидете подготвени за секакви сценарија, раскажува Буклески. Кога пропуштате лет, дополнителен проблем е да најдете нов лет (серија летови) во кои ќе има доволен број места за сите членови на тимот.
– Ако тимот го поделите на два дела, во два различни лета, а има само еден ментор, тогаш што би се случило доколку настанат проблеми со летовите на кои не е менторот? Затоа, во ниту еден момент не дојдоа предвид можностите за разделување на тимот во две групи – вели Буклески.
Според статистиката, Бело Хоризонте се смета како еден од побезбедните градови во Бразил. Но, лошата репутација на Бразил наметнува страв во однос на личната безбедност. Дополнителна тешкотија било и тоа што голем процент од вработените на аеродромот не знаат англиски јазик, па комуникацијата главно се одвивала со онлајн-апликациите кои овозможуваат јазичен превод.
Помош од македонскиот амбасадор во Бразил
Кога пристигнале во Бразил на почетокот на Олимпијадата, веднаш ги исконтактирал амбасадорот на Македонија, Игор Попов.
– При претходни учества на олимпијади, од нашите колеги од другите држави знаевме дека практика е амбасадорите да ги контактираат менторите. Некои од нив организираат приеми, а во некои случаи дури и присуствуваат на церемонијата на прогласување на добитниците на медали. Во текот на моето 10-годишно учество на олимпијади, ова беше прв пат да нè исконтактираат од наша амбасада. Така, откако настана проблемот и откако го испуштивме летот, веднаш знаевме кого треба да побаравме – раскажува Буклески.
Чекајќи инструкции за понатамошни активности по испуштениот лет
Откако му го соопштиле проблемот, амбасадорот Попов веднаш исконтактирал со гувернерот на сојузната држава Минас Гераис, кој се јавил на нашиот тим, било известено обезбедувањето на аеродромот. По службена должност, Попов веднаш го известил и нашето Министерство за надворешни работи.
– Амбасадорот лично се заложи и се ангажира за решевање на проблемот. Стапи во контакт и со авиокомпаниите Air France и GOL. Поддршката која ни ја пружи и неговата заложба за наше безбедно враќање дома беа на највисоко ниво. Неговата непосредност, срдечност и позитивен став ни влеа надеж и сигурност дека проблемот ќе биде надминат, а ние се чувствувавме опуштено знаејќи дека и во оваа оддалечена држава, имаме на кого да се потпреме. Тој безрезервно се вложи во текот на тие два дена да бидеме безбедни и заштитени, а во меѓувреме наоѓаше начин да ни помогне. Благодарение на него, македонскиот тим беше со придружба, не само на аеродромот, туку и хотелот каде престојуваше – вели Буклески.
Македонскиот амбасадор во Бразил, Игор Попов
Тимот бил во постојана комуникација и со претседателот на СХТМ, проф. д-р Зоран Здравковски, кој ги охрабрил да направат сè што треба и да не се грижат за трошоците. Само безбедно да се вратат дома. Здравковски бил во постојана комуникација со агенцијата од која беа набавени авионските карти. Оваа поддршка многу им значела.
Кога нашите тимови заминуваат на мешународен натпревар јавноста најчесто ги слуша основните информации – дека тимот заминал на олимпијада, се вратиле со или без медали … Но, во позадина често се случуваат многу непредвидени нешта кои ретко стигаат до јавноста. Тимот и лани имаше „лоша среќа“ со Менделеевата олимпијада што се одржа во Кина. Тогаш за прв пат се соочија со сериозни проблеми.
– Заради силно невреме во Шенџен, последниот сегмент од поврзаните летови беше откажан. Во текот на денот полетуваа само по неколку авиони и се создаде голем метеж, а да се најдат 5 слободни места во ист авион од Пекинг до Шенџен беше практично невозможно. Големото растојание помеѓу овие два града (2.400 км), не дозволуваше патувањето да го продолжиме со автобус (30 часа), а во брзите возови (bullet trains) немаше слободни места. Најголемиот дел од патниците, при откажувањето на летовите, се пренасочуваа кон користење на овие брзи возови. Со нив времето на патување е помалку од 8 часа, но места немаше. Заради невремето останавме „заробени“ во Пекинг 3 дена. На крај, решивме да слетаме на друг аеродром (Гванџо) кој е 2 часа оддалечен од Шенџен. Од организацијата нè пречекаа и нè одведоа до универзитетот каде бевме сместени. Кога конечно слетавме во Гванџо и ја видовме делегацијата што нè пречека, знаевме дека неизвесноста заврши. Со големо олеснување, конечно можевме да се фокусираме на она за што дојдовме – ја раскажува Буклески минатогодишната голгота.
Од патувањето во Кина (IMChO – 2024)
Проблеми имале и на враќање. Повторно летовите биле одложени заради невремето кое траело две недели. За среќа, одложувањето било неколку часа, па во Франкфурт на време го фатиле следниот лет.
Со освојувањето на два бронзени медала (и пласман многу блиску до сребро), македонскиот тим го постигна најдобриот успех на Менделеевата олимпијада досега. Станува збор за најстарата олимпијада по хемија, но и најпрестижната. Сериозноста на проблемите се доказ за високото ниво на потребно знаење за да се оствари забележителен резултат. На оваа олимпијада учествуваат најдобрите држави во светот, според постигнувањата на натпреварите по хемија.
Невреме, проследено со силни електрични празнења и турбуленции при заминување од Шенџен (IMChO-2024)
– Да се натпреварувате меѓу најдобрите и да постигнете резултат е навистина тешко. Треба да ја имаме предвид и големината на нашата држава, образовниот систем, популарноста на природните науки и условите за работа на учениците во средните училишта. За споредба, во првото ниво на натпревари по хемија во Русија се вклучени нешто помалку од еден милион средношколци (скоро 10 отсто од вкупниот број средношколци). Кај нас тој број е околу 400 (0,64 отсто од вкупниот број средношколци). Од овие бројки, јасно е дека многу полесно ќе најдете талентирани ученици од 1 милион средношколци, отколку од 400. Кога ќе ги земеме предвид сите овие фактори, нашите успеси се неспоредливо подобри од оние на „големите хемиски сили“ – дециден е Буклески.
Подготовки за следната олимпијада
МОН годинава за првпат овозможува финансиска поддршка на меѓународните олимпијади за средношколците, по донесувањето на измените на Законот за средно образование од што произлезе правилник според кој акредитираните здруженија ќе аплицираат за поддршка. Буклески вели дека се истрошени и релативно задоволни од оваа долгогодишна борба и извојувана победа.
По церемонијата на доделувањето на медалите
– Многу министри поминаа низ ресорот образование, помалку ветувања, 10-годишна незаинтересираност за талентираните ученици кој го оставија Институтот за хемија и државата без многу таленти. Во моментите кога губевме надеж дека ќе успееме да ги собереме потребните средства, настапувавте вие – новинарите, а најголемата поддршка ја добивавме токму од порталот Умно.мк за што сме неизмерно благодарни. Поттикот кој ни го дававте за да не се откажуваме од барањата и упорноста, дадоа резултат. Симбиозата помеѓу „вас“ и „нас“ придонесе да ја постигнеме целта. Конкурсот е распишан, а СХТМ веќе се пријави. Останува да почекаме на реализацијата на обврските кои ги презема МОН во однос на покривање на финансиските трошоци поврзани со патот и котизацијата за учество на научните олимпијади – вели Буклески.
Од церемонијата на затворање на Менделеевата меѓународна олимпијада по хемија
Во моментот на Институтот за хемија на ПМФ во полн ек се подготовките за Интернационалната олимпијада по хемија што ќе се одржи во јули во Обединетите Арапски Емирати. Македонскиот тим го сочинуваат Марио Ванчоски, Петар Мирчевски, Теона Ана Георгиевска и Елена Живаљевиќ. Овојпат имаат двајца ментори, покрај Буклеси и проф. д-р Слоботка Алексовска.
Дел од атмосферата на селекциониот натпревар за учество на IChO-2025
The post Тешко заминаа во Бразил, уште потешко се вратија. Авантурите на тимот кој освои две бронзи за Македонија на најтешката олимпијада по хемија first appeared on УМНО.МК.