Во Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип, утревечер во 20.30 часот ќе биде организирана премиерата на танцовата преттава „Ајде!“ во кореографија на Игор Киров и Бојан Мицев. Оваа претстава нè води низ богатата музичка култура на ромската заедница. На најзначајниот ден во годината, Едерлези или Ѓурѓовден — денот на радоста, кога се слави будењето на природата, почетокот на новиот живот, пријателството и заедништвото, се раѓа една нова љубов. „Ајде!” преку препознатлив ритам и музика, со танц, раскажува за неостварена љубов во доминантно патријархална средина и ја оживува ромската музика и фолклор на сцената. Претставата има за цел да ја подигне свеста за вредноста на животот, личната слобода и општествените норми во современиот контекст.
Драматург е Ана Ристоска Трпеноска, играат: Јована Зајкова, Лука Ѓорѓиевски, Илијана Данилов, Нина Петрушевска, Андреј Димоски и Бојана Арсовска. За видеото се погрижи Мартин Михајлов од „Марсбен продукција“. Фотографијата е на Ања Калин, продукцијата – на Motion Network од Штип.
Претставата е во соработка со ДМБУЦ „Илија Николовски Луј” од Скопје. Претставата е поддржана од Министерството за култура и туризам, Општина Штип и ЕАМ Штип.
The post Премиера на танцовата претстава „Ајде!“ во Штип во кореографија на Игор Киров и Бојан Мицев first appeared on УМНО.МК.