Денес е 29 април, Меѓународен ден на танцот. Ви ја споделуваме македонската порака на Адријана Данчевска-Ровчанин, кореограф, танчер, едукатор:
„Денес, на денот на танцот, зборуваме за моќта на оваа уметност. Зборуваме за танцот кој е многу повеќе од физички акт – танцот е емоционален, социјален и интелектуален процес кој е длабоко вкоренет во нашето човечко постоење. Танцувам додека создавам живот кој има смисла. А нам тука ни е потребен простор за танц и оддржлива структура. Танцот е активизам. Танцот е страст – моќен канал за трансформација, катарза и ослободување. Танцот ни дава можност да се соочиме со себе, да ја откриеме и истражиме нашата лична приказна, за потоа да ја споделиме таа посебна пасија и посветеност со другите. Танцот ни подарува бескомпромисно чувство на слобода. А што е подобро од слобода? Танцот има моќ да ги обликува сложените животни идеи, да инспирира промена, да поттикнува колективни тела. Танцот за мене е враќање дома. Длабок и траен дијалог. Хаотичен. Неуреден. Мој. Танц.“
Адријана Данчевска Ровчанин е кореограф, педагог, танчер и доцент на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев”, Штип. Таа е една од првите млади кореографи, кои се формираат во рамките на Скопје танцов театар. Завршува средно балетско образование во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, во класата на Елена Антонова Петровиќ, а дипломира на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА, Скопје-Париз-Њујорк под менторство на проф. д-р Рисима Рисимкин, каде и магистрира кореографија. Данчевска е дел од професорскиот тим на првиот „CEEC Summer Dance Camp“ во Кина во 2015 година. Со Скопје танцовиот театар, ги креира претставите „Symbol” во соработка со танчерката и кореографка Александра Петрушевска; „Д.О.Л.“; „Дома” (перформанс); „Не ми ги допирај очите”; „Go Figure It Out” и други. Данчевска ја освојува првата награда за најдобра кореографија и наградата од публика на 26-то издание на Фестивалот на кореографски минијатури во Белград, Србија. Работи како кореограф во „CODARTS“ универзитетот, со танчерите на Ротердамската танцова академија и на „Универзитетот за убави уметности“ во Цирих, Швајцарија. Таа го кореографира и режира и првиот македонски танцов филм „Дома” (филм).
Нејзини короеграфии со Скопје танцов театар се изведуваат во Македонија и надвор од земјата – на: „Недела на современ танц“, во Загреб, Хрватска; на „Лајкс Дејот“ фестивалот во Рига, Латвија, „Silk Road Festival“, Кина; „SHARE“ фестивал во Братислава, Словачка; „Holland Dance Festival“ во Хаг, Холандија; а како танчер со компанијата настапува на „Battery Dance Festival“, Њујорк, САД; „Holland Dance Festival“ во Хаг, Холандија; „Silk Road“ фестивал во Чуанџо, Кина; „Meet in Beijing“ во Пекинг, Кина; „Tanec Praha“ со кореографката Јукио Сузуки, во Прага, Чешка; „Its Festival“ во Амстердам, Холандија; „Tanzmesse“ во Келн, Германија; Санвинченто, Хрватска; „Ankara Solo Dance Festival“, во Анкара, Турција. Данчевска е учесник на„Balkan Dance Project vol.1“ со кореографите Игор Киров и Александар Илиќ, а настапува и на „Masdanza“ фестивалот, на Канарските острови со проект на Игор Киров. Во 2023 година Данчевска е дел од авторскиот тим на „Молитви на моето тело”, проект работен во Националната опера и балет за чествување на делото на Ацо Шопов и го кореографира вториот дел „Преплетување”. Данчевска е еден од основачите на колективот „Танц Бункер“ и фестивалот под име „Танц Бункер – Платформа 01“ за современа уметност.
The post Танцувам додека создавам живот кој има смисла first appeared on УМНО.МК.