Почеток МАКЕДОНИЈААтанасоски: Не сакам да верувам дека СДСМ станала „опозиција под контрола на власта“ и дека само „глуми опозиција поради редот на нештата“, но сите потези одат во таа насока

Атанасоски: Не сакам да верувам дека СДСМ станала „опозиција под контрола на власта“ и дека само „глуми опозиција поради редот на нештата“, но сите потези одат во таа насока

Локално мк
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Двајца кандидати за градоначалничкото столче во Град Скопје на двете најголеми политички партии. Орце Ѓоргиевски од ВМРО-ДПМНЕ и Каја Шукова од СДСМ, ќе си ги одмерат силите на локални избори наесен. Ова следува откако во петокот претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче ја соопшти одлуката на Извршниот одбор на партијата за кандидатури за градоначалници за претстојните локални избори. Со оглед дека повеќе имиња проструија од најголемата опозициска партија за главниот град, помалку изненадувачки е името на екс-министерката за животна средина „фронтранер“ со кого ќе истрчаат на изборите.

Во јавноста се поставува дилемата дали СДСМ со изборот на кандидат за Скопје однапред ја предаде трката. За дел од аналитичарите, согласно преференциите и минатогодишните избори, електоратот е свртен в десно.

-Без претенции, да не бидам аналитички неблагодарен, но мислам дека и самите во СДСМ, знаат дека ќе ги изгубат изборите во Град Скопје, сите скопски општини, со исклучок на Општина Центар, каде што има реални шанси за победа кандидатот за градоначалник и актуелен градоначалник Горан Герасимовски, вели во разговор за „Локално“ политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски запрашан за потезите од „Бихаќка“.

Најверојатно, смета Атанасоски, изборот на потпретседателката на СДСМ, Шукова е „избор од немајкаде“, бидејќи шпекулираниот кандидат архитектот Мишко Ралев, отпадна од игра. За жал, оценува Атанасоски, веројатно Шукова ќе биде статист во трката за главниот град.

Со оглед дека Ралев беше веќе виден како најсериозен кандидат и колкави ќе беа шансите доколку партијата „истрчаше“ со него на изборите, Атанасоски вели дека СДСМ можеби ќе имаше поголема гласност во изборната трка, од аспект дека станува збор за натпартиски кандидат, кој можеби би привлекол и неопределени гласачи особено од урбаната, градска, пообразована структура на гласачи.

-Сепак, во дадената констелација на политичките рејтинзи и соодноси, силината на владејачката партија, грогираната и политички депласирана опозиција, мислам дека било кој од ВМРО-ДПМНЕ ќе го победеше било кој од СДСМ во изборниот натпревар, анализира соговорникот.

Покрај Шукова, еден од „поинтересните имиња“ со кое ќе „истрча“ СДСМ на изборите е екс-директорот на ДПИ, Горан Трајковски, кој првично беше еден од главните обвинети за трагедијата во Колчани, но подоцна постапката беше запрена. Запирање на постапка значи дека таа може повторно да продолжи, ако за такво нешто се соберат соодветни докази. Запрашан дали има некаков договор меѓу двете најголеми партии или едноставно таков е изборот што можеше да го понуди СДСМ, Атанасоски не сака да верува дека СДСМ станала „опозиција под контрола на власта“ и дека само „глуми опозиција поради редот на нештата“, но сите потези, но и информации кои ги добива, вели дека одат во таа насока.

-Сепак, доколку решиле да бидат заробеници и заложници на криминалитетот на еден нивен поранешен претседател со неговата потесна и поширока фамилија и немаат ниту храброст, ниту сила да ја одзаробат заробената партија, која е претворена во приватна ДООЕЛ фирма, тогаш нека им е со среќа патот во неповратот, односно во целосна маргинализација на политичката сцена во Македонија, заклучува аналитичарот.

Шукова во своето прво обраќање како кандидатка рече дека градот е доведен на најниското дереџе досега, но вината за тоа ја гледа во владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ. -Се надевам на секој глас од граѓаните на Скопје. Тврди дека во ниту еден момент немала дилема дека треба да се кандидира за оваа функција и ги отфрли наводите дека никој не сакал да ја трча изборната трка во дрес на Социјалдемократите. Како што наведе веќе започнале со активности кои ќе покажат дека ова нема да биде само кампања, туку заедничко враќање на Скопје на граѓаните.

-Ги повикувам да ни се приклучат најдобрите, најмотивираните луѓе кои искрено го сакаат градот. Скопје има врвни професионалци во сите области, токму тие ќе бидат столбот за враќање на сјајот на градот. Веќе се поставени основите на програмата за Скопје, но вашите совети и идеи, преку низа средби со граѓаните, но и стручната јавноста и поединци кои знаат и умеат да помогнат, само ќе придонесат истата да стане подобра и пореална. Време е скопјани конечно да видат еден различен пристап. Пристап кој не е обложен во шарена хартија, а шуплив внатре, туку совршен и остварлив план за решавање на проблемите. Тоа може да го очекувате од мене, порача Шукова. Додава дека приоритет ќе ѝ биде и да се направат реформи за целосна дигитализација и искоренување на корупцијата и влијанијата кои доаѓаат од оние кои Скопје го гледаат како бизнис интерес.

И додека Шукова вели дека сака функционални јавни претпријатија, чист воздух и здрава животна средина, безбеден град и запирање на урбанистичкиот хаос, власта ја критикува дека немала резултати како министерка за животна средина, па оттука и не може да се надева дека успешно ќе го води Град Скопје.

-СДС ги очекува невиден дебакл во Скопје. Изборите ќе ги изгубат во октомври, како што 1 + 1 = 2. Дното за СДС не е допрено, допрва ќе го допрат во октомври, рекоа вчера од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција.

-Шукова, која беше државен секретар и министер за животна средина и не направи ништо позитивно, не остави ниту еден белег за државата, туку му слугуваше на Заев и неговите бизнис-интереси, не може да биде ништо друго освен кандидат за пораз, додаваат оттаму.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека и на самата кандидатка за градоначалник на Скопје ѝ е јасно дека ќе загуби на изборите во октомври и дека ќе треба, како што велат, да го преземе епитетот од претходниот лидер на СДСМ и екс-премиер Димитар Ковачевски за најслаб изборен резултат на партијата во историјата, алудирајќи притоа на исходот што социјалдемократите го имаа на минатогодишните парламентарни избори.

Н.П.

The post Атанасоски: Не сакам да верувам дека СДСМ станала „опозиција под контрола на власта“ и дека само „глуми опозиција поради редот на нештата“, но сите потези одат во таа насока appeared first on Локално.

Можно е и ова да ти се допаѓа