Претседателот на Собранието, Африм Гаши на новинарско прашање денеска на брифинг истакна дека прашањето за учеството на независните кандидати на претстојните локлани избори ќе мора да се реши, но ни самиот не знае како и кога би се согласиле парламентарните партии да го донесат законот.
Тој потенцира дека ова прашање ако не се реши до одморите, ќе мора по одморите кон крајот на август.
-Како што знаете, препораките на Уставниот суд беа да се донесе нов Изборен законик, кој ни е во процедура но не можеме да го поминеме, откако во март ги укина членовите со кои на независните кандидати им беа потребни зголемен број потписи за да се кандидираат на избори, но еве сега и на крајот на јули не се исполнети условите за да се донесат новите норми. Имаше согласност од големите партии, а се противеа ДУИ и Левица. Ако имаме услови до крајот на месецов би го изгласале, ако не, не знам. Ќе треба да се продолжи по старите решенија да се оди на избори. Ќе треба да најдеме решение. Ова сме го збореле на координации со координаторите на сите пратенички групи дека Изборниот законик е нешто што е приоритетно и мораме да најдеме начин да го решиме. Тоа е еден од поголемите приоритети што го имаме како Собрание и ни виси над гласа. Сакаме да го решиме. Гледаме најбрзо што можеме, дали до 31 јули, ако не, веднаш по одморите кон крајот на август да го решиме тоа, рече Гаши.
Гаши соопшти дека во првите 10 дена на август се очекува да ги распише локалните избори кои треба да се одржат во октомври.
-Не можам да ви тврдам кога ќе ги распишам изборите, затоа што се поврзани некои теми. Сакаме да решиме некои проблеми, за да не биде тоа после пречка, рече тој.
The post Гаши: Ќе мора да се реши прашањето за учеството на независните кандидати на изборите, но не знам кога точно appeared first on Локално.