Професорката во пензија и граѓанска активистка, Мирјана Најчевска ја коментираше денешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски околу евентуалното разрешување на претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска. Според Најчевска, Собранието треба да престане да постои врз основа на отсуство на било каква функција која во моментов ја врши. Смета дека премиерот одлучува за се и, како што вели, тој им кажува на пратениците што да прават и како да гласаат.
-Зошто да даваме толку силни пари за плати на дрвени кукли, и патни трошоци, и собраниски служби и одржување на зграда. Собраниската зграда може да се даде под концесија на некоја коцкарница и да се претвори во прекрасен хотел со сали за коцкање. Барем ќе се добиваат пари од порез, објави Најчевска на социјалните мрежи.
-Естрадата на естрадните уметници, а политиката на политичарите. Немаме намера од случајот со претседателката на антикорупциска Димитровска да правиме естрада, вели шефот на македонската влада, Мицкоски. Неговиот одговор се однесува на тоа дали пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ќе поднесат барање за разрешување на првата антикорупционерка која е обвинета за две кривични дела.
Во Собранието надлежна комисија за разрешувањето е онаа за избори и именувања, но ниедна пратеничка група сè уште не поднела барање Димитровска да е разрешена.
За членовите на Антикорупциска, Собранието е надлежно за нивно разрешување, но и тие се повикуваат на моралот на нивната претседателка. Димитровска веќе не учествува во работата на Антикорупциската комисија, бидејќи судот тоа и го забрани, но оставка од функцијата не поднесува.
Обвинета е за оддавање службена тајна на обвинет во случајот „Адитив“, но и за испитот за нејзиниот безбедносен сертификат. Не го полагала Димитровска, туку во нејзино име полагал колега од Државниот завод за ревизија.
За претседателката на Антикорупциска сè уште не е побарано оставка.
The post Најчевска: Мицкоски решава за сè, Собранието нека се претвори во хотел со сали за коцкање appeared first on Локално.