Почеток Презентација на ШТЕТ-НА: Локалните избори се тест за политичарите да ја намалат штетната реторика

Презентација на ШТЕТ-НА: Локалните избори се тест за политичарите да ја намалат штетната реторика

Макфакс
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Политичарите треба да практикуваат етичка, транспарентна и професионална комуникација, базирана на факти, а не на манипулации и навредливи изрази – е еден од заклучоците од презентацијата на истражувањето „Мерење на политичките штетни наративи (ШТЕТ-НА)“ пред пратениците, која ја организираше Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците во Собранието.

Станува збор за наоди од деветмесечниот мониторинг на штетните наративи на политичките партии, анализирани во периодот од септември 2023 до мај 2024 година и како тие се пренесуваат на ТВ и во онлајн медиумите.

Целта на настанот беше да се потсетат политичките актери на најчестите прекршувања на стандардите за етична јавна и политичка комуникација, но и да се отвори дискусија за тоа каков тон на комуникација подготвуваат политичките партии во предизборната и во изборната кампања, имајќи предвид дека следуваат локалните избори на есен.

Љупчо Пренџов, претседател на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, во воведот истакна дека одговорноста е поголема кај политичарите кои спротивставените ставови треба да ги бранат со аргументи, а не говор на омраза.

„Добро е да се разговара, сметам дека има определени центри и индивидуалци кои го спуштаат долниот праг на пристојната комуникација. Секој пратеник, министер, има право да избере на кој начин ќе ја води политичката комуникација, но долните граници треба да се почитуваат“, истакна Пренџов.

Денешната дискусија е повик за одговорност, посебно кога се приближуваме до нов изборен циклус, нагласи Бојан Георгиевски, член на истражувачкиот тим на ИКС. Според него, новото во оваа тема е што овие наративи сега, за разлика од порано, се шират побрзо, се појавуваат во посуптилни и пософистицирани форми, и се потешко се препознаваат – како за граѓаните, така и за институциите.

Елеонора Серафимовска, членка на истражувачкиот тим, детално ги претстави клучните наоди за прекршување на стандардите за етична политичка комуникација и ги посочи најчесто застапените штетни наративи во комуникацијата на политичките партии и нивните лидери: поткопување на довербата во институциите, пристрасното селектирање на факти, лични напади и демонизација и поттикнување поделби.

Таа укажа на огромниот потенцијал на овие наративи да предизвикаат штета во многу сфери, истакнувајќи дека тие не служат за информирање, туку се полувистини, дури и дезинформации и лаги, а поривот да се пласираат е да се заострат поделбите и поларизацијата во општеството по национална, верска, а, пред сè, политичка основа.

Потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, порача дека сите учесници во политичката комуникација треба да понесат дел од одговорноста за она што се случува и дека секој треба да тргне сам од себе.

„Штетните наративи кои постојат во политичката комуникација низ годините ги гледам како Гордиев јазол. Мене ме фрапираа резултатите зашто не знам дали сме свесни што предизвикуваме со нашите говори кога ќе излеземе на говорница, а медиумите како трансмитери тоа го пренесуваат. Ако не седнеме да разговараме како да ги спречиме штетните наративи, ништо не сме направиле. Мора да се вклучиме во спречување на говорот на омраза“, порача Бендевска.

„Истражувањето е значаен инструмент за воспоставување етички критериуми, кои нема да бидат само на хартија, туку прв чекор во градење на еден позрел демократски капацитет на институциите“, рече пратеничката Марија Петрушевска.

Од друга страна, пратеникот Реџеп Исмаил изрази несогласување со наодите од истражувањето, потенцирајќи дека реториката која се употребува ја одразува реалноста, и не може, ниту пак треба да се преземат чекори за намалување на штетните наративи.

Учесниците во дебатата се согласија дека политичарите имаат далеку поголеми можности за меѓусебна размена на ставови и усогласување од граѓаните, поради што носат и зголемена одговорност за тонот на јавната комуникација. Тие потенцираа дека употребата на говор полн со навреди и емоционални манипулации има директно влијание врз порастот на насилство во општеството – од фемицид до врсничко насилство.

Затоа, се повика на зголемена свесност кај политичарите за последиците од јавно изречениот збор, на промена на личното однесување, и на промоција на дискурс што вклучува почит и аргументираност. Само преку ваков пристап може да се обезбеди инклузивна и праведна јавна сфера, ослободена од реторика што продлабочува поделби и поттикнува насилство.

Истражувањето го спроведе ИКС со поддршка на Британската амбасада во Скопје.

Текстот Презентација на ШТЕТ-НА: Локалните избори се тест за политичарите да ја намалат штетната реторика е превземен од МАКФАКС.