Градскиот трговски центар (ГТЦ) во Скопје веќе подолго време е оставен „сам на себе“. Дуќани има повеќе напуштени, отколку што функционираат, но и неговата генерална состојба не е на завидно ниво.
Култниот скопски објект е преполн со ѓубре, кое може да се забележи насекаде, и како што може да се забележи од фотографиите, не се собира од надлежните.
За оваа услуга, лицата кои го оддржуваат објектот редовно собираат надомест, за кој, како што може да се види од фотографиите, не си ја вршат работата.
Граѓаните, но и големиот број вработени од околните фирми, пак постојано се жалат на преголемиот број лица кои питачат, но и бездомни кучиња кои се движат во ГТЦ и кои знаат да бидат агресивни.
Во последнава година евидентно е покачувањето за 30/35 отсто на цената на паркингот во подземната гаража, иако постојано се случуваат проблеми. Неодамна граѓани со часови седеле во своите автомобили во подземниот паркинг на ГТЦ откако паркоматите престанале да работат, а службата за наплата била отсутна.
Граѓаните кои го паметат Трговскиот центар во своето најдобро светло, сметаат дека лошото менаџирање го упропастило ГТЦ.
Инаку Собранието на акционери на Градски трговски центар го усвои извештајот од работењето за 2024 година во која беше прокнижена уште една загуба.
Во извештајот стои дека вкупните приходи за 2024 година изнесуваат 261.860.166,50 денари, а трошоците 286.235.930,00 денари. Загубата изнесува 24,38 милиони денари или околу 600.000 евра.
„Отежнатата наплата на побарувањата, ја загрозува ликвидноста на Друштвото. Поради ова, принудени сме со остатокот од средствата да преземеме само основни активности за одржување и вложување реконструкции на застарените инсталации, опрема и мали градежни работи за реновирање на објектот.
Поради неатрактивните локации на нашите не издадени деловни објекти, и покрај повеќекратното огласување нема заинтересираност за закуп“, се вели во извештајот.
Од прикажаните податоци за остварени приходи во Билансот на успех за 2024 година се гледа дека приходите по основ, закуп на деловен простор, магацини и тераси бележат зголемување за 4%.
Приходот од наем на простор за реклами е намален во однос на претходната година, приходот од комуналии и тековно одржување е зголемен за 3%, а приходот од паркиралиште е зголемен за 5%. Приходите од наплатени отпишани побарувања бележат минимално зголемување.
Никола Соколовски од ноември минатата година е назначен за нов извршен директор на акционерското друштво. Истовремено променет е комплетно целиот Управен одбор, а сега има седум наместо претходните шест членови. Покрај Соколовски, членуваат уште и Ферик Белули, Јован Лукаров, Катица Грче, Виолета Блажевска, Васе Ангеловски и Александар Тасев.
Фото: Локално
The post 📷Ѓубре насекаде во ГТЦ, фирмите и граѓаните се жалат дека џабе плаќаат за одржување appeared first on Локално.