Наместо да спроведе транспарентна и законска постапка за изградба на новиот дистрибутивен систем за природен гас, како што е наведено во Законот за енергетика, кој самите го донесоа во парламентот во мај годинава, Владата зад затворени врати подготвува потпишување на нелегален меморандум за соработка, обвинија денеска од СДСМ преку прес-конференција.
Партијата ги прашува премиерот Христијан Мицкоски и министерката Сања Божиновска – зошто се заобиколува членот 94 од Законот за енергетика, кој јасно налага изборот на партнер за изградба на дистрибутивната мрежа да се врши преку транспарентна тендерска постапка.
-Чии интереси ги штити власта кога за стратешки партнер избира компанија која веќе е фатена и откриена во истраги за поткуп и сомнителни зделки? Дали власта спрема огромна курпција: Ќе соработува со Казанџи Холдинг, чија ќерка фирма АКСА ЕНЕРЏИ е обвинета за корупција во Гана? Дали овој меморандум е цената што треба да ја платат граѓаните за нечии лични и партиски бизнис интереси? Дали имате направено анализа за потребите од електричната енергија како и од природниот гас, со потребните сценарија како би се реализирала инвестицијата? Дали подготвивте Стратегија за развој на енергетиката за следните 20 години, што ви е обврска по законот за енергетика, праша портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Од „Бихаќка“ бараат итно и неотповикливо откажување од намерата за потпишување на каков било меморандум со споменатата компанија, но и целосна транспарентност за сите досегашни преговори и активности поврзани со овој проект и безусловно почитување на законот и јавна дебата за развојот на енергетскиот сектор.
Денеска во Владата беше потпишан меморандум за разбирање со турски „Казанџи Холдинг“. Станува збор за групација која има интерес да вложи една милијарда евра во енергетиката, во секундарната гасоводна мрежа, топловодната мрежа и когенеративни централи.
The post Кузеска: Власта ќе соработува со „Казанџи Холдинг“ чија ќерка фирма „АКСА ЕНЕРЏИ“ е обвинета за корупција во Гана appeared first on Локално.