Речиси никој надвор од Азија не слушнал за Чонгкинг, иако е град со дури 18,2 милиони жители, што го прави еден од најголемите во светот. Сместен во централна Кина, Чонгкинг е вистинска урбана енигма – град изграден на планини, на вливот на две реки, со архитектура што повеќе личи на пејзаж од научно-фантастичен филм отколку на реалност.
Познатиот американски Јутјубер и полиглот Ариех Смит, кој се претставува на интернет под името @xiaomanyc, го привлече вниманието кон оваа „скриена метропола“. Зборувајќи на конференцијата за патувања на Newsweek, тој го опишал Чонгкинг како „најголемиот град во светот за кој многу луѓе не слушнале“.
„Изграден е на ридови, што значи дека има апсолутно неверојатен пејзаж. Луѓето се шокирани кога ќе видат дека е речиси три пати поголем од Њујорк, а никогаш не слушнале за него“, рекол Смит, кој зборува мандарински и живеел во Кина со години.
Град што ја побива логиката
Чонгкинг е познат по своите необични сообраќајни и архитектонски решенија. Таму, возовите минуваат низ згради, мостовите лебдат над бездни, а фудбалските терени се наоѓаат – на покривите на облакодерите. Градот често се опишува како „8D магичен град“, токму поради неговата сложеност и вертикален изглед.
Позната е и пештерата Хонгја, традиционален кварт врежан во карпата, трансформиран во комерцијален и културен центар. Чонгкинг се наоѓа на вливот на реките Јангце и Џиалинг и често се користи како почетна точка за крстарења до живописниот кањон Три клисури.
Според водичот „Lonely Planet“, Чонгкинг е најважниот град во западна Кина и економски мотор на горниот регион Јангце. Сепак, неговиот туристички потенцијал штотуку почнува да се открива.
„Градот изгледа како да сте во друг свет“
Студија објавена во списанието „Urban Studies“ го опишува Чонгкинг како пример за екстремна вертикална густина. Ова значи дека просторните ограничувања го принудиле градот да расте нагоре – при што мостовите, тунелите и облакодерите стануваат атракција сами по себе.
„Тоа е град кој му пркоси на класичното урбанистичко планирање. Има импресивна инфраструктура, генијални сообраќајни решенија и прекрасна архитектура. Градот изгледа како да излегол од научно-фантастичен филм. Штом ќе стапнете таму, имате чувство дека сте во друг свет“, рекол Смит.
Неговите патеписи ги следат милиони луѓе
Јутјуберот, кој споделува повеќејазична и туристичка содржина преку интернет со милиони следбеници, ја истакнал важноста на социјалните мрежи за промоција на дестинации што традиционалните туристички водичи често ги заобиколуваат.
„Социјалните мрежи имаат голема моќ денес. Тие можат да станат главно средство за откривање непознати, но фасцинантни градови како Чонгкинг“, додал тој.
Фото: Принтскрин/YouTube
The post (ВИДЕО+ФОТО) Јутјубер посетил град со 18 милиони жители за кој повеќето Европејци никогаш не слушнале appeared first on ekran.