Официјална Анкара вчеравечер порача дека по неколку дена борби и крвопролевања на југот на Сирија, директно ќе интервенира за да спречи какви било обиди за фрагментирање на Сирија, односно дека ќе ги спречи милитантите што се обидуваат да добијат автономија.
Предупредувањето од турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан е, според сите детали, упатено до Израел, чија крајна цел, како што тврди Турција, е да се расцепка Сирија. Пораката е упатена и до припадниците на курдските Единици на народна заштита (YPG), коишто Анкара ги смета за терористичка организација.
Фидан тврди дека Израел сака да ја подели Сирија за да ја направи нестабилна, слаба и товар за регионот, додека од YPG порачаа дека ќе се обидат да го искористат хаосот во земјата за своите интереси.
Инаку, на територијата на Ирак вчера почна доброволното разоружување на припадниците на Курдската работничка партија, која по повеќе од 4 децении борба за територија во Турција и судири во војската и џандармеријата на Турција, го прекина вооружениот судир.
Турција ги осуди израелските напади врз Дамаск минатата седмица, а судирите на сунитските Бедуини и на Друзите, кои уживаат поддршка од Израел, ги гледа израелски обид за дестабилизација на регионот.
Турција, членка на НАТО, ја поддржува новата сириска влада предводена од бившиот џихадистички борец Ахмед ал Шар, со војнички прекар Абу Мохамад ал Јолани, кој беше командант на Фронтот Нусра, огранок на Ал Каида. Турција повикува на примирје помеѓу Друзите и Бедуините.
Од почетокот на граѓанската војна во Сирија во пролетта 2011 година, Турција се декларираше како противник на режимот на Башар ал Асад и ја поддржуваше опозициската Сиријска национална армија.
Што се однесува до курдската YPG, Фидан порача дека групи во Сирија не би смеело да гледаат на состојбата на хаос како тактичка прилика за создавање автономија или независност во Сирија и дека, ако се решат за тој пат, ќе се соочат со „голема стратешка катастрофа“.
„Тоа не води никаде“, порача Фидан.
The post Војската е подготвена: Турција најави директна интервенција во Сирија appeared first on Локално.