Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска, во рамки на работната посета на Грција, оствари средба со шефот на грчката дипломатија, министерот Јоргос Герапетритис. Според македонското МНР, министрите изразија задоволство од денешната средба, во период кога двете страни посветено работат на унапредување на односите помеѓу двете земји. Притоа имаа отворен разговор и размена на мислења за повеќе прашања од заеднички интерес.
На средбата, од страна на министерот Муцунски беше изразена искрена благодарност за солидарноста што Грција ја покажа за време на трагедијата во Кочани и неодамнешните итни состојби во близина на Дојран. „Тоа не беа само гестови на помош – туку вистински дела на пријателство“, истакнал министерот Муцунски, пренесува МНР.
Како што информираат, на средбата стана збор и за безбедноста – како на регионално, така и на глобално ниво.
-Беше потврдено заедничкото делување во рамките на НАТО и потребата од блиска координација во овие неизвесни времиња. Воедно, министрите се осврнаа на процесот на евроинтеграција на Република Северна Македонија во Европската Унија. Во оваа насока, министерот Герапетритис ја нагласи силната поддршка за нашиот евроинтеграциски пат.
„Сакам уште еднаш да ја истакнам поддршката на Грција за напредокот на Северна Македонија на нејзиниот европски пат, врз основа на воспоставените условности и принципот на сопствени заслуги, со посебен фокус на основните критериуми“, додал грчкиот министер Герапетритис, стои во соопштението од МНР.
Според нашето МНР, почитувањето на меѓународното јавно право останува императив за двете страни, а билатералните односи, како и досега, ќе се засноваат на меѓусебно разбирање како соседи и сојузници во НАТО, констатирале двајцата министри како заклучок од средбата.
Во фокусот на средбата било унапредувањето на соработката помеѓу двете земји, а акцентот беше ставен на потенцијалот за економска соработка помеѓу двете држави, како и на соработката во делот на инфраструктурата и енергетиката.
„Нашиот фокус беше и на резултати кои носат придобивки за граѓаните. Инвестиции. Трговија. Инфраструктура. Енергија. Разговаравме за проекти како Kоридорот 10 и гасниот интерконектор – не само како технички проекти, туку како двигатели на раст, безбедност и регионална поврзаност“, нагласил Муцунски по средбата.
The post Герапетритис: Грција ја поддржува Македонија во напредокот на нејзиниот европски пат appeared first on Локално.