Компанијата за развој на вештачка интелигенција „Опен АИ“ соопшти дека најпопуларната алатка „Чет-ГПТ“ прима дури 2,5 милијарди прашања секој ден.
Од тој број, околу 330 милиони барања доаѓаат од САД.
Сем Алтман, извршен директор на компанијата, во декември минатата година изјави дека корисниците праќаат повеќе од една милијарда прашања дневно, а актуелните податоци покажуваат дека тој обем се удвоил за помалку од осум месеци.
За споредба, „Гугл“ неодамна соопшти дека извршува пет трилиони пребарувања годишно, што во просек изнесува нешто помалку од 14 милијарди дневно.
Независни извори даваат слични процени: компанијата „Ен-пи диџитал“ наведува дека дневно се вршат 13,7 милијарди пребарувања на „Гугл“, додека „Спаркторо“ и „Датос“ проценуваат околу 16,4 милијарди.
Истражување објавено претходно годинава покажа дека повеќе од една четвртина од корисниците во САД претпочитаат да користат алатки како „Чет-ГПТ“ наместо класични интернет-пребарувачи, додека во Велика Британија тој процент изнесува 13 отсто.
Испитаниците изјавиле дека пребарувањето со помош на новите алатки базирани на вештачка интелигенција е поефикасно, полесно за користење, нуди можност за персонализација и дава попрецизни одговори.