Реновирањата почнаа на почетокот на минатиот месец, а тогаш функционер на Белата куќа ја опиша новата градба како „реставрација“ и рече за „Пипл“ дека Доналд и Меланија „имаат длабоко почитување кон историјата на Белата куќа и кон градината со рози“. Познатата иконска модерна градина со рози настанала за време на администрацијата на Кенеди, како дел од широките напори на тогашната прва дама Џеки Кенеди да ја обнови Белата куќа
Градината со рози во Белата куќа стана речиси непрепознатлива при летните реновирања на претседателот Доналд Трамп и првата дама Меланија Трамп. Нова фотографија направена пред некој ден, покажува голема бетонска плоча на местото каде што имаше трева, во историскиот централен тревник, кој бил направен во 1961 година на барање на тогашниот претседател Џон Ф. Кенеди, објави „Пипл“.
– Знаете, ние ја користиме градината со рози за прес-конференции и тоа не функционира затоа што луѓето паѓаат. Теренот може да биде влажен, а меката земја може да биде проблем за некои… Жените, со високите потпетици, едноставно, не функционираше, објасни Трамп во интервју што со него во март го правеше Лаура Инграм од „Фокс њуз“.
Реновирањата почнаа на почетокот на минатиот месец, а тогаш функционер на Белата куќа ја опиша новата градба како „реставрација“ и изјави за „Пипл“ дека Доналд и Меланија „имаат длабоко почитување кон историјата на Белата куќа и кон Градината со рози“.
– Оваа реставрација на градината со рози ја зачувува убавината на просторот и се надоврзува на работата извршена во 2020 година со фокус на подобрување на практичната употреба и искуството на гостите што присуствуваат на специјални настани, рече функционерот.
Првата дама Меланија се соочи со големи реакции уште кога за првпат направи промени во градината со рози за време на претходниот претседателски мандат на нејзиниот сопруг во 2020 година.
– Отстранувањето на градината со рози во Белата куќа беше завршено пред една година и еве го мрачниот резултат – децении американска историја исчезнаа, рече историчарот Мајкл Бешлос за вести на „НБЦ њуз“, осврнувајќи се на границата од варовник што Меланија ја постави во надворешниот простор, каде што често се одржуваат говори и приеми за достоинственици, спортски тимови и други.
Канцеларијата на Меланија му возврати на Бешлос на социјалната мрежа „Икс“, споделувајќи друга фотографија на која Градината беше во полн цут. „Бешлос го докажа своето незнаење покажувајќи слика од Градината со рози во нејзиниот повој. Градината со рози е украсена со здрави и шарени расцветани рози. Неговите лажни информации се нечесни и никогаш не треба да му се верува како на професионален историчар, напишаа тогаш од нејзината канцеларија. Додека на многумина не им се допадна суровиот изглед на варовничкиот раб на Меланија, проектот од 2020 година имаше за цел да ја подобри дренажата и сончевата светлина во градината со рози, чии цвеќиња не напредуваа со години. Имаше само 12 оригинални грмушки од рози кога Меланија го надгледуваше додавањето на 200 нови. Сегашното преуредување на градината што го врши Националната служба за паркови треба да заврши до средината на наредниот месец.
Според Одделот за национални паркови, кој го одржува просторот, градината со рози во Белата куќа потекнува од 1903 година, а според некои извори, од многу порано – од 1902 година, кога била изградена во колонијален стил од тогашната прва дама Едит Рузвелт. Во 1913 година, на тоа место првата дама Елен Вилсон ја дизајнирала првата градина со рози, но познатата иконска модерна градина со рози настанала за време на администрацијата на Кенеди. Како дел од широките напори на тогашната прва дама Џеки Кенеди да ја обнови Белата куќа, претседателот Кенеди ја ангажирал блиската пријателка, декораторката Рејчел Ламберт „Зајаче“ Мелон повторно да го осмисли надворешниот простор во близина на Овалната соба и да создаде уште една мини градина налик на тие во Европа, што Кенедиеви ги виделе кога биле во државна посета на Франција во 1961 година.
The post Доналд Трамп и Меланија ја бетонираат историската градина со рози, зашто потпетиците на новинарките пропаѓале во земјата appeared first on Вечер …1963 | Vecer MK.