Почеток Проф. д-р Душко Мукаетов: Наоѓаме решенија за обнова на деградираните почви во Медитеранскиот Регион

Проф. д-р Душко Мукаетов: Наоѓаме решенија за обнова на деградираните почви во Медитеранскиот Регион

umno.mk
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Во последно време сè поголем број површини се зафаќаат со фотоволтаици од кои добар дел се подигнати врз квалитетни земјоделски површини, вели проф. д-р Душко Мукаетов од Земјоделскиот институт од Скопје

Урбанизацијата е една од најтешките облици на деградација на почвите. Плодните површини се губат трајно затоа што тие се запечатуваат. Во последно време сè поголем број површини се зафаќаат со фотоволтаици од кои добар дел се подигнати врз квалитетни земјоделски површини. Така се намалуваат површините на обработливо земјиште, кои трајно се губат или силно се нарушува нивниот квалитет и природната производна продуктивност, вели проф. д-р Душко Мукаетов од Одделението за педологија и агрохемија при

Проф. д-р Душко Мукаетов

Урбанизацијата од една страна е развоен елемент на регионот кој учествува во Бруто-домашниот производ (БДП) на секоја земја поединечно, но прекумерната урбанизација ја запечатува плодната почва и го загрозува природниот баланс. Какви последици може да предизвика прекумерната урбанизација?

– Површините со почви кои се одликуваат со висока продуктивна способност се доста ограничени. Овие површини кои во најголем дел се распространети по котлините и течението на поголемите реките, се под постојан притисок од активностите на луѓето во различни сектори: рударство, транспорт, енергетика, земјоделство, шумарство и др. Урбанизацијата е една од најтешките облици на деградација на почвите каде плодните површини се губат трајно затоа што тие се запечатуваат, односно се препокриваат со инертен материјал. Ова е голем проблем во нашата земја и не постојат точни податоци за опсегот и интензитетот на овој процес на деградација на почвите.

Најизразен е во некои делови, посебно околу големите урбани центри, каде се одземат квалитетни земјоделски површини. Во последно време сè поголем број површини се зафаќаат со фотоволтаици од кои добар дел се подигнати врз квалитетни земјоделски површини. Така се намалуваат површините на обработливо земјиште, кои трајно се губат или силно се нарушува нивниот квалитет и природната производна продуктивност. Во одредени случи, иако некои почви се одликуваат со ниска продуктивна способност, интензивно земјоделско производство, сепак претставуваат природни живеалишта за ретки растителни заедници, како на пример солените почви кои се под силен удар на пренамена за подигање на фотоволтаици.

Стратегијата на Европската Унија за биодиверзитет дефинира пет главни фактори за загубата на биодиверзитетот. Кои се тие и како ECOBASE се вклучува во дефинирањето на европски политики и меѓународни протоколи за заштита на почвата и природата?

– Европската Унија преку Стратегијата за биодиверзитет до 2030 година ги идентификува петте главни двигатели на загубата на биолошката разновидност: трансформацијата на земјиштето и морските подрачја, прекумерната експлоатација на природните ресурси, климатските промени, загадувањето и ширењето на инвазивни туѓи видови. Овие фактори, дејствувајќи поединечно или во комбинација, доведуваат до сериозна деградација на екосистемите, намалување на биолошката разновидност и губење на клучни екосистемски услуги – како што се плодноста на почвата, достапноста на чиста вода и климатската стабилност.

Состанок на тимот

Во овој контекст, проектот ECOBASE (Eco-Friendly Nature-based solutions to mitigate soil degradation) има за цел да понуди практични и одржливи решенија базирани на природата, со фокус на заштита на почвата и обновување на деградираните почви, особено во чувствителните подрачја на Медитеранскиот Регион. Почвата, како основа на копнените екосистеми, е во центарот на проектните активности што промовираат одржливо управување и обновување на нејзината функција.

ECOBASE активно придонесува преку спроведување на пилот-иницијативи, развој на иновативни модели за управување со почвата, како и преку воспоставување партнерства помеѓу научната заедница, локалните чинители и институциите. Преку ваквиот интегриран пристап, ECOBASE го засилува капацитетот за адаптација на екосистемите и промовира транзиција кон поотпорни, одржливи и биолошки разновидни земјоделски и природни средини.

Овој проект не е само истражувачки туку веќе вклучува и конкретни активности. Посочете ни некои од нив и што поконкретно се спроведува на територијата на Македонија?

– Проектот е сè уште во почетна фаза во која се прави оценка на потребите и недостатоците кои треба да се надминат во однос на одржливо управување со почвите. Досега е извршена анализа на потребите врз основа на спроведен прашалник кај група од 23 производители. Ги имаме резултатите и извлечени се главни заклучоци, врз основа на кои е изработена и SWOT анализа. Во оваа фаза се финализираат и транснационалниот акцискиот план за управување со здравјето на почвата како и транснационалниот план за одржливост.

Во наредниот период се предвидени и поконкретни активности – набавка на 15 автоматски станици опремени со сензори за мерење на одредени метеоролошки и почвени параметри и анализа на моменталните почвени својства. Исто така ќе биде основана т.н. „жива лабораторија“ во која е планирано да учествуваат сите засегнати страни во решавање на одреден проблем поврзан со здравјето на почвите. Ќе бидат развиени и тренинг модули, при што секоја од земјите партнер ќе развијат свој тренинг-модул за одредено прашање кое се смета како најважно во односот на заштитата на здравјето на почвите.

Состанок со фармери

Покрај тоа, ќе се работи на изградба на платформа на која ќе се вмрежат сите автоматски станици кои ќе бидат набавени во текот на проектот како и веќе постоечки станици кои би изразиле подготвеност да се вклучат. Врз база на собраните податоци со помош на примена на модерни технологии ќе може да се развие систем за рано предупредување од појава на можни екстремни појави.

Една од новите алатки е Системот за следење на квалитетот на почвата (SQM). Како ќе функционира овој систем и како ќе им користи на земјоделците и еколозите?

– Со проектните активности предвидено е да се воспостават стандардни методологии за контрола на квалитетот на почвите кои би биле во согласност со веќе постоечките кои се применуваа во ЕУ и пошироко. Покрај тоа ќе се приберат постоечки податоци за квалитетот на почвите во секој од земјите и ќе се изврши нивна калибрација на почвените сензори кои ќе бидат поставени. Покрај тоа, планирано е да се развие и алатка за мониторинг на квалитетот на почвите, која би функционирала како централизирана платформа за собирање, складирање и управување со податоци за квалитетот на почвата. Оваа алатка ќе им овозможи на проектните партнери и засегнатите страни да внесуваат и прикачуваат податоци за здравјето на почвата од различни извори, како што се теренски набљудувања, лабораториски анализи и технологии за далечинско набљудување, при што се обезбедува конзистентност, достапност и лесна анализа на податоците.

Оваа алатка ќе биде од значење за производителите затоа што ќе овозможи следење во реално време на индикаторите за квалитетот на почвата, обезбедувајќи ажурирани информации за клучни параметри како што се нивото на хранливи материи, содржината на органска материја, pH вредноста и влагата на почвата. Со тоа ќе се овозможат услови за навремено донесување одлуки, рано откривање на промени во здравјето на почвата.

Што претставува Системот за поддршка на донесување одлуки (DSS) и на кој начин може навреме да алармира за ризици како суши, ерозии и други закани за земјиштето?

– Систем за поддршка на донесување одлуки кој се планира да се основа во рамките на проектот ECOBASE ќе обезбеди низа можности: интегрирање на различни извори на податоци, вклучително и метеоролошки податоци, податоци за квалитетот на почвата, податоци за користење на земјиштето и историски записи. Овој систем со помош на напредни техники за обработка и анализа, ќе овозможи прогноза и процена на појавата на потенцијалните ризици за здравјето на почвата и земјоделските култури.

Системот ќе користи прогностички модели и алгоритми за да предвиди и идентификува потенцијални закани или неповолни услови поврзани со процеси на деградација на почвата, недостиг на вода или други релевантни фактори, овозможувајќи им на засегнатите страни да преземат проактивни мерки и навремени интервенции за ублажување на ризиците и минимизирање на негативните последици. Исто така, Системот ќе овозможи процена и справување со ризици со помош на алатки и функции за евалуација на ранливоста на почвата и производните системи во однос на различни стресови. Ќе им овозможи на засегнатите страни да ги проценат потенцијалните ризици поврзани со одредени практики на управување со земјиштето, климатските промени, екстремни временски настани и други фактори, поддржувајќи го развојот и спроведувањето на насочени стратегии за управување со ризикот.

Какви се придобивките на Земјоделскиот институт – Скопје и воопшто на УКИМ од учеството во вакви проекти?

– Продобивките за Земјоделскиот институт се повеќекратни. Учеството на вакви проекти овозможува вмрежување на институцијата и експертите со други сродни институции во целата медитеранска зона. Овозможува и градење на капацитетите, индивидуални и технички, преку размена на знаења, искуства и идеи а исто така и совладување на нови техники и методи на работа.

Проектот ќе овозможи и учество во изградбата на предвидените платформи за управување со квалитетот на почвите и системот за поддршка на носењето одлуки, како и пристап до податоци кои се од големо значење на идни проектни и апликативни активности на институтот. Покрај тоа, Земјоделскиот институт ќе биде забележан на мапата на институции кои се активни во изнаоѓање на одржливи решенија за заштита на здравјето на почвите.

The post Проф. д-р Душко Мукаетов: Наоѓаме решенија за обнова на деградираните почви во Медитеранскиот Регион first appeared on УМНО.МК.