Почеток КУЛТУРАСцена„Д (како Дездемона)“ на Рисимкин ќе учествува на фестивал за Шекспир во Верона

„Д (како Дездемона)“ на Рисимкин ќе учествува на фестивал за Шекспир во Верона

umno.mk
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Претставата „Д (како Дездемона)“ во кореографија на Рисима Рисимкин ќе гостува на Фестивал за Шекспир во Верона, Италија, на 13 септември. Претставата е втор дел од трилогијата „Жените во творештвото“ на Шекспир, тема со која Рисимкин се бави во последниве неколку години. Музиката е на Тони Китановски, дизајн на сцена и светло на Матеа Мијановиќ, а костимите – на Благој Мицевски.

„Рисима Рисимкин ги поместува границите на театарската форма – воведувајќи го говорниот збор во невербалниот театар, вградувајќи го класичниот балет во современиот танц – и тоа го прави со елеганција и намера. Таа е уметница неограничена од конвенции, слободно црпејќи од алатките потребни за да ја пренесе својата визија за светот преку јазик кој е единствено нејзин“ – вели грузијскиот критичар Лаша Чхартишвили за изведбата на современата танцова претстава на Рисимкин, по нејзината изведба на отворањето на Интернационланиот фестивал за монодрама во Битола.

Премиерно се изведе во рамките на манифестацијата „Денови на македонски кореографи“ во организација на Националната опера и балет. Со оваа претстава се отвори 26-то издание на Фестивалот на монодрама во Битола на 17 мај 2025. Во претставата учествуваат осум танчари: Дездемона – Анастасија Данчевска; Јаго – Дејан Битровски; Отело – Лука Ѓорѓиевски; Емилија – Сара Димовска; Смртта – Давор Милев; Гласови: Надја Луканова, Елена Терзиева, Ивона Маневска.

Рисимкин годинава одбележува 45 години уметничко творештво, таа е добитник на повеќе признанија меѓу кои и Витез од редот на уметностите и книжевноста на Франција. Со свои претстави гостува на врвни сцени низ светот, каде што ја претставува Македонија, меѓу другото во Париз, Њујорк, Хаг, Пекинг, Амстердам, Келн, Дизелдорф, Лајпциг, Лисабон, Архус итн. Рисимкин за прв пат се претстави пред италијанската публика во 2023 година, кога ја изведе претставата „Лејди Магбет“, која ги одушеви гледачите, а критиката во весникот Веронасера, ја оцени со зборовите „Автентично откритие на фестивалот беше талентираната македонска кореографка Рисима Рисимкин која со својата мошне оригинална верзија на ликот на „Лејди Магбет“ забележа рекорден број на посетеност и исполнетост на салата на театарот Камплој… “

Фото: Диоген Хаџи Коста Милевски

The post „Д (како Дездемона)“ на Рисимкин ќе учествува на фестивал за Шекспир во Верона first appeared on УМНО.МК.

Можно е и ова да ти се допаѓа