Почеток Да се укине стипендирањето на првите 100 универзитети на Шангајската листа, освен за дефицитарните кадри

Да се укине стипендирањето на првите 100 универзитети на Шангајската листа, освен за дефицитарните кадри

umno.mk
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Во изминатите 15 години државата доделила десетина милиони евра за оваа намена, а многу мал број од овие студенти се вратиле и работат во државата. Излегува дека со државни пари директно го поттикнуваме одливот на мозоци и тоа токму од најчувствителниот сегмент за развој на државата: млад, образован и талентиран кадар, вели проф. д-р Виктор Стефов

Рангирањето на македонските универзитети на светските ранг-листи, финансирањето на научноистражувачката дејност во Македонија, неопходните реформи во високото образование, задржувањето на младите и квалитетни кадри во науката и потребата од општествен консензус за развој на научноистражувачката дејност се дел од прашањата на кои одговара проф. д-р Виктор Стефов од Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје. Стефов е претседател на Комисија за следење на условите за работа на научната и уметничката дејност при Независниот академски синдикат (НАкС). Ви ги пренесуваме интервјуто објавено првенствено на интернет-страницата на НАкС.

Македонија подолг период се соочува со проблеми во образованието, особено во делот на високото образование и науката. Сведоци сме на континуирано паѓање на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), најголемиот и најстариот универзитет во Македонија на светските ранг-листи. Во каква состојба е високото образование во државата?

– Ние како држава веќе подолг период имаме сериозни проблеми во целокупното образование вклучително и високото. Длабоко сум убеден дека драстично е намален квалитетот во образованието во целост, а тоа се должи пред сè на малото финансирање и погрешните политики кои се применија во овој период. Што се однесува до високото образование (ВО), драстичниот пад на квалитетот почна со отворање на огромен број нови универзитети, на приватно и државно ниво, и сосема погрешното финансирање на факултетите кое сè уште зависи од бројот на студентите, а не од дејноста. Отворањето на толку многу универзитети на толку мал простор не беше поради подобрување на квалитетот во високото образование, туку пред сè резултат на политички и други одлуки кои немаат врска со високото образование и неговиот квалитет. Во Словенија, земја со квалитетно високо образование и наука, држава со слична површина и популација на нашата, има само 3 поголеми државни универзитети и 4 мали приватни универзитети. Сето ова автоматски доведе помеѓу другото и до продукција на помалку квалитетен кадар што автоматски повлекува пад и во квалитетот во средното и во основното образование, покрај сите други системски слабости кои ги има во тие нивоа на образование.

УКИМ, и покрај сите негови слабости, бил и остана стожер на високото образование и науката во Македонија. Генерално УКИМ е позитивен пример во нашата земја кој од неговото основање досега дал огромен придонес кон целокупниот развој на државата во сите нејзини домени. Што се однесува до неговото рангирање, сите ние сакаме да биде што подобро рангиран на светските ранг-листи. Но, за тоа се потребни огромни вложувања и реорганизација која би довела до суштински промени во дејствувањето и организирањето на универзитетот, кои би требало да се одвиваат истовремено. Дури и да се реорганизира УКИМ, како што ние би сакале, без помош од државата нема многу да се направи. Кога зборувам помош од државата, пред сè мислам на системски и трајни решенија во високото образование и науката, а не на директна помош само на УКИМ. Треба да се истакне дека рејтингот на УКИМ е во првите 5-10 отсто рангирани универзитети на светско ниво, во зависност од тоа кој рангира и кои критериуми се земени за тоа рангирање. Има повеќе институции кои ги рангираат универзитетите на светско ниво и даваат листи од тоа рангирање, а во јавноста е најпозната Шангајската листа. Сега бргу се појави информација дека УКИМ не е на ранг-листата од 2.000 најдобро рангирани универзитети на листата на Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR) и дека тоа претставува пад во однос на минатата година. Но од друга страна, УКИМ го подобри своето место на листата на Вебометрикс (Webometrics) и се наоѓа на 1.554 место од вкупно 32.000 оценувани високошколски институции во светот, што значи дека е рангиран во првите 5 отсто такви институции на светско ниво. На оваа листа во минатото сме биле и на околу 1.000-то место. Со оглед на средствата со кои располага УКИМ тоа е огромен успех. Нека се набројат колку институции и области имаме во државата кои може да бидат рангирани во првите 5 отсто или 10 отсто на светско ниво! Секако многу малку и тоа не треба да се заборава кога се критикува УКИМ.

Не треба да се заборави дека ние сме единствената држава во Европа која не распишала конкурс за научноистражувачки проекти на национално ниво во последните 15 години. Ние сме една од многу малкуте земји во Европа кои немаат пристап до светските бази на научни податоци Скопус (Scopus) и веб оф сајнс (web od science) на државно ниво. И што е апсурдно, бројот на објавени трудови во списанија со фактор на влијание (impact factor) сите овие години расте. Тоа е пред сè резултат на големиот ентузијазам на поединци и отвореноста и соработката со странски научни институции, а не на системски решенија. Ние во овој период имавме поголема поддршка преку странски проекти, пред сè европски, отколку од државата и тоа до некој степен ја амортизираше лошата состојба во научноистражувачката дејност (НИД). Еве би сакал новинарите да истражат колкави се вложувањата по број на нивни студенти на 1000 најдобро рангирани универзитети во светот и нека ги споредат тие средства со оние на УКИМ и ќе дојдеме поблиску до вистината и причините.

Ако сакаме УКИМ да влезе во Шангајската листа во првите 1.000 или 500 универзитети потребни се нови големи вложувања од неколку стотици милиони евра на годишно ниво (не десет или десетина), а првите почетни резултати би ги очекувале најмалку после пет години. Тие вложувања треба да бидат насочени пред сè во примање на нов млад кадар, подобрување на инфраструктурата и зголемување на активноста во научноистражувачката дејност, според која и најмногу се оценува на таа листа (број на објавени трудови во врвни списанија, цитираноста, вклучени нобеловци и врвни научници во работата на универзитетот и др.). Знаете, науката е скапа играчка и бара големи вложувања. Но, затоа пак е познато дека вложувањето во науката и иновациите е и најисплатлива инвестиција во секоја смисла. На секој вложен денар се враќа на директен и индиректен начин многукратно повеќе во државата. Не постои развиена држава во светот, голема или мала (според територија или жители), која не вложува огромни средства во образованието и научноистражувачката дејност за да биде успешна во целост. Така што, со многу голема претпазливост треба да зборуваме дека УКИМ е катастрофално рангиран на светските листи без да ги проучиме и причините за тоа, покрај сите слабости кои ги има нашиот универзитет (впрочем слабости има и во други дејности, некаде и многу поголеми).

Со многу преземени работи од страна на УКИМ е зголемена видливоста на универзитетот, но тоа не е доволно. Тука би ја истакнал и работата на една поголема група на наши научници кои работат или се наоѓаат во многу истакнати светски универзитети и научни институции кои активно работат на промоција на нашата наука и образование во светот. Групата се нарекува С(ц)иеста и прават многу акции и во самата држава за промовирање на науката од најмала возраст до студентите на факултетите. Тоа го прават сосема на ентузијастичка основа и треба сите многу да им се заблагодариме за тоа.

Развојот на науката и истражувачката дејност се смета за важен фактор кој може да овозможи целокупен општествен развој. Сепак, најчесто резултатите од вакви инвестиции не се толку видливи и лесно мерливи, како инвестициите во инфраструктурните проекти. Има ли државата има слух за подобрување на состојбата во научноистражувачката дејност? На почетокот од 2025 година, Министерството за образование и наука се пофали дека го зголемува буџетот за науката од 380 на 680 милиони денари. Дали е ова доволно за финансирање на научноистражувачката работа?

– За жал, од осамостојувањето до сега состојбата во научноистражувачката дејност континуирано се влошува. Едноставно оваа дејност е ставена на маргините во нашето општество, а скоро да нема политичар одговорен за оваа дејност, и не само тие, да не зборува за нејзината огромна важност. Конечно, по подолг период МОН наместо да ги намалува, ги зголеми средствата за научноистражувачка дејност и тоа е секако за поздравување. За поздравување е и најавата дека конечно научниците на државните универзитети и Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) ќе имаат пристап до базите на научни податоци Scopus и Web of science. Тоа е нешто што одамна го бараа и очекуваа научниците во Македонија. Само да напомнам дека од 2006 до 2009 година МОН, по исклучително поволни услови, обезбеди на државно ниво пристап до базата Scopus, но потоа, од неразбирливи причини, договорот не беше продолжен.

Сега за прв пат после 15 години МОН распиша конкурс за научноистражувачки проекти што секако е чекор напред во однос на досегашната пракса. За условите во конкурсот, начинот на распределба, рокот на траење и други работи може да се дискутира, но тоа се слатки проблеми во однос на тоа да нема проекти. Се надевам дека Министерството ќе ги увиди сите слабости на овој конкурс и догодина ќе ги отстрани при распишување на нов конкурс. Научниците во државата изгубија 15 години финансирање на научноистражувачки проекти од страна на државата, а тоа е соодветно на 150 години во многу други области. Науката толку брзо се развива што овие 15 години се скоро ненадоместливи. Од друга страна, без да ги земат предвид овие работи, многумина зборуваат за според нив лошиот/катастрофален рејтинг на УКИМ и другите државни универзитети во Македонија.

Кои мерки Вие би ги предложиле за подобрување на научноистражувачката дејност во државата?

– Моите предлози за подобрување на научноистражувачката дејност во последно време активно ги образложував во повеќе прилики. Овие ставови беа дискутирани и во телата на Независниот академски синдикат (НАкС) и имаа поддршка за нивна примена. Инаку, од многуте земји што ги погледнавме сметавме дека Словенија, Естонија, Финска и Ирска се најпогодни за нас во изучувањето и примената на некои политики и практики во НИД кои тие ги имаат. Тоа се земји со развиена научно-истражувачка дејност, при што по население Финска и Ирска имаат околу пет милиони жители, Словенија два милиони, а Естонија околу 1,3 милиони жители. Она што е карактеристично за сите четири земји е што финансирањето на науката е издвоено од матичните министерства (во кои се водат политиките за НИД) во фондови, агенции или совети (сите имаат слична намена), но сепак се на некој начин поврзани со истите. Сите овие спомнати тела имаат силен и контролиран систем на евалуација на секое ниво на дејноста која ја вршат, а применувајќи строги и општоприфатени европски критериуми. Средствата со кои располагаат овие тела се движат од над стотина милиони евра до повеќе од милијарда евра. Карактеристично за сите овие четири држави е дека уште поголеми средства за НИД ги обезбедуваат од стопанството.

Инаку, предлозите минатата година ги проследив и до МОН и до групата која ја подготвуваше Националната програма за високо образование и Националната програма за научноистражувачка дејност. Сметам дека националните програми за ВО и НИД се многу добро и професионално подготвени со многу податоци, историјат и предлози како да се подобрат овие исклучително важни дејности. Она што е важно е сега државата да си го преземе својот дел од работата и да ги примени тие предложени мерки, а во новите закони за ВО и НИД да отвори можности истите да може полесно да се имплементираат.

Ова се ставовите кои и јас и НАкС ги застапуваме:

– Да се изнајде начин во краток временски период издвојувањата за НИД да бидат во висина од најмалку 1 отсто од БДП, а да биде задолжително зголемување на средствата за НИД во висина од 0,2 отсто на годишно ниво во земјата додека не достигнат просечно ниво на земјите од Европската Унија.
– Да се оформи Совет за наука и иновации (на владино ниво) кој на некој начин ќе биде и координативно тело на сите институции на владата кои имаат допирна точка со науката и иновациите во земјата, вклучително и МАНУ (ова тело не е спротивност на веќе формираниот Национален совет, туку напротив постои скоро во сите земји со развиена наука) кое ќе заседава и дава отчет на најмалку секои шест месеци.
– Да се оформи Агенција/Фонд за наука (како независно тело), со почетни средства не помали од 10 милиони евра.
– Во рамките на Агенцијата/Фондот да се формира фонд за млади, сличен на оној кој го има во Словенија.
– Да се оформат Центри на извонредност (треба да се разработи механизам за нивно отворање, применувајќи ги европските практики и критериуми).
– Да се изнајде начин за стимулирање на стопанството да вложува во НИД.
– Да се утврди начин на додатно финансирање на научните институции од национален интерес.
– Континуирано да се обновува и одржува научната инфраструктура во земјата.
– Обезбеден континуиран пристап до Web of science или Scopus на национално ниво како најпознати и најголеми на светско ниво, а тоа не исклучува освен за овие да се добие пристап и до некоја друга база на научни податоци.
– Отворање на канцеларија за НИД во Брисел за олеснување на пристапот кон европските програми за наука и развој.
– Во законот за ВО и НИД да се изнајде форма за континуирано вработување на млад научен кадар.
– Со законски решенија да се наметне конечно да се пристапи до формирање на целосна база на податоци на научниот кадар во државата.
– Воведување на стипендии за магистерски и докторски студии во земјата за невработени лица (ова е веќе направено, но за жал со мал број на стипендии).
– Да се укинат уште оваа година стипендиите (освен за дефицитарен кадар, кој треба да биде точно дефиниран) за стипендии за млади научно-истражувачки кадри за прв, втор и трет циклус во странство и средствата да се пренаменат за други намени (на пример за проекти и стипендии) во Програмата за научно-истражувачка дејност за 2025 година. Во неколку студии се спомнуваат суми од 20 до 60 милиони евра потрошени за оваа намена, пари кои се практично одземени од научноистражувачката дејност во државата и попусто потрошени без практично каков било бенефит, освен се разбира за тие што ги добиле овие стипендии. Од 2010 година државата (МОН) со пари на даночните обврзници поттикнуваше/поттикнува одлив на млад и перспективен кадар. Ние сме можеби единствената држава во светот која го прави тоа.
– Во политиките за ВО и НИД да не се применува ниту една мерка која придонесува за одлив на младите научници од земјата, а да се поттикнува истите да се вработуваат во земјата.
– Да се поддржуваат куси и долги истражувачки престои во странски институции со кои има воспоставена соработка и враќање во матичната институција за споделување на стекнатото искуство.
– Платите во високото образование да не бидат линеарни, туку да се формираат двостепено: врз основа на ефектот во наставната и во научноистражувачката дејност. Ваквиот модел, кој успешно функционира во многу земји со развиена наука, придонесува за зголемување на научноистражувачката продукција.

Ова не е сè, но сметаме дека е добра основа за почеток. Сите овие мерки би можеле да имаат подобар ефект ако се формира посебно Министерство за високо образование, наука и иновации (или нешто слично). Се надевам дека Владата конечно ќе дојде до позитивен заклучок за реализирање на вакво министерство.

Значи, она што се предлага во мерките е двостепен систем на поддржување на научноистражувачката дејност. Првиот е за заздравување и поддржување на фундаментални истражувања, а вториот е промовирање на извонредност со отворање на Центри на извонредност. Но, било какви реформи да се прават, доколку не се обезбедат соодветни средства, истите ќе останат без каков било реален ефект.

Би сакал да истакнам и една позитивна работа, дека синдикатите (НАкС, СОНК, ССУКИМ) го завршија својот дел од работата и после долги преговори со МОН, Собранието и Владата значително беа зголемени платите во ВО и НИД. После повеќе од 30 години се сменети коефициентите по кои се земаа плати во ВО, а за кои никој не знаеше да даде одговор по која основа беа формирани претходните коефициенти, кои беа преземени од некогашна Социјалистичка Република Македонија. Претходно во 2021 година за првпат после осамостојувањето, благодарение на НАкС и СОНК, беше потпишан и првиот Колективен договор за високо образование и наука кој всушност отвори пат кон понатамошно подобрување на состојбата на вработените во ВО и НИД.

Промените на министрите за образование и наука често се одразуваат на промена на курсот на водење на образовната и научната политика, дури и кога тоа се случува во рамките на влада. Како овие промени штетат на развојот на научно-истражувачката работа? Потребен ли е натпартиски консензус во областа на образованието и науката?

– Секако дека честата промена на министрите за образование и наука многу лошо се одразува на образовната и научна политика. Додека еден министер започне со остварување на некаква политика тој е веќе сменет со друг, кој главно има други насоки во однос на претходните. Ние всушност цело време стоиме во место и назадуваме, а другите во однос на нас одат со голема брзина напред. И не само ова. Потребна е подобра координација помеѓу различните министерства во владата кои се одговорни за науката — МОН, Министерството за економија, Министерството за финансии, Министерството за здравство, како и други релевантни владини тела. Дополнително, неопходно е да се воспостави континуитет на научната политика во државата, политика што нема да зависи од секоја смена на власта, туку ќе се темели на европските принципи и стандарди во оваа област. Бидејќи овие предуслови досега не се исполниле, ниту една стратегија за наука и високо образование, подготвена од МОН и МАНУ не е доследно имплементирана. За надминување на оваа сериозна состојба во која се наоѓаат науката и образованието во земјава неопходна е пред сè политичка волја и соодветна координација помеѓу надлежните институции, универзитетите, МАНУ и бизнис заедницата.

Имајќи предвид дека одливот на мозоци претставува сериозен проблем за Македонија, какви се условите за задржување на образованиот кадар во научно-истражувачката дејност во државава?

– Ако државата реши и има приоритет за задржување на младиот кадар во научноистражувачката дејност, тогаш може да направи многу во таа насока. Мерките треба да бидат системски, а не популистички. Средства за тоа секогаш може да се најдат ако тие бидат приоритет или еден од приоритетите на владата. Самите сме сведоци кога нешто се означува како приоритет веднаш на некаков начин за тоа се наоѓаат и средства за негова реализација. Се зависи пред сè од желбата дали сакаме нашиот млад и образован кадар да остане во државата. Секако не може да поттикнуваме останување на најдобриот научен подмладок со школарини за докторски студии кои достигаат суми и над 12 илјади евра. Кој млад и невработен, па дури и вработен, кадар може да си дозволи да издвои толкава сума за три години?! Затоа истите ќе бараат, најчесто и добиваат, стипендии во странски образовни и научни институции и си одат од државата.

Докторирањето кај нас станува привилегија на одбрани луѓе. Или на тие кои со огромни жртви, и понатамошни разни последици, макотрпно ќе се трудат да ги обезбедат тие средства или најчесто на тие чии родители можат да им ги обезбедат. Значи главниот критериум стануваат парите, а не способноста. Според мене, чуден е и начинот на трошењето на тие средства. Зошто се исплаќаат средства на професорите за реализација на испитите на трет циклус, зошто се исплаќа додаток на менторот од 1.000 евра. Сите овие и слични активности се дел од задолженијата и обврските на професорите, а не за нив да бидеме додатно платени. Особено сега кога нашите плати се на сосема солидно ниво. Потребна е системска и потполна реорганизација на докторските студии.

Направил ли некој анализа дали ваквите докторски студии придонеле за подобар квалитет на докторатите во однос на претходните докторати пред да се воведат докторски студии? Материјалната реализација на докторските студии на државните универзитети треба да биде целосно или во најголем дел поддржана од МОН или соодветни тела, како што е тоа впрочем е во спомнатите четири земји чија научноистражувачка дејност ја анализиравме, а и не само таму. Исто така, сметам дека недозволиво е вработениот млад кадар (асистентите) на државните универзитети сам да ги плаќа трошоците за неговите докторски студии, а тоа помеѓу другото е негова работна обврска. Сите ние постарите не плаќавме за нашите студии на втор и трет циклус, а сега бараме и гласаме тоа да го прават помладите. Тоа е благо кажано нечесно од страна на државните универзитети. Со ваквите и слични мерки всушност само поттикнуваме одлив на млад и перспективен кадар од нашата земја.

НАкС во 2023 година реализираше обемен проект насловен како „Анализи на НАкС за исплатливоста од стипендирањето студенти на прв, втор и трет циклус студии на еден од првите 100 универзитети од Шангајската листа“. Податоците, иако нецелосни, беа добиени од страна на МОН согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Овие анализи покажаа дека во изминатите 15 години од страна на државата се доделувани десетина милиони евра (а во медиумите се спомнуваат и значително поголеми суми), за стипендирање на наш млад образован кадар на еден од првите 100 универзитети од Шангајската листа. Она што е поразувачко е дека многу мал број од овие студенти се вратил и работи во државата. Вака, всушност, излегува дека со државни пари веќе петнаесет години директно го поттикнуваме одливот на мозоци и тоа токму од најчувствителниот сегмент за развој на државата: млад, образован и талентиран кадар. Истовремено, во тој период немаше конкурси за научноистражувачки проекти на државно ниво и што е голем апсурд за студентите кои студираа во државата, немаше реализација на стипендии за втор и трет циклус на студии. Затоа предлагаме овие стипендии да се укинат, освен за дефицитарни профили кои ќе бидат прецизно дефинирани со правилник, а средствата да се пренаменат за целите што веќе ги наведов.

И што поскоро да започне реализацијата на предлозите што се дадени во Националните програми за ВО и НИД. Би сакале да бидат имплементирани и нашите предлози што ги нема во тие програми. Во таков случај би имало надеж дека конечно во овие области ќе има толку очекуван напредок. Како заклучок, потребни се големи вложувања и реформи во високото образование и научноистражувачката дејност во нашата држава.

Интервјуто е првенствено објавено на НАкС

The post Да се укине стипендирањето на првите 100 универзитети на Шангајската листа, освен за дефицитарните кадри first appeared on УМНО.МК.