Почеток Со две сребра за Македонија информатичарите од Боливија ни го честитаат Илинден

Со две сребра за Македонија информатичарите од Боливија ни го честитаат Илинден

umno.mk
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Сребрени медали за Македонија освоија Дамјан Давков и Леонид Цуклев, а Благој Рујаноски Стојановски и Виктор Максимоски освоија пофалници

Сребрени медали за Македонија освоија Дамјан Давков од Штип и Леонид Цуклев од Гевгелија на 37. Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2025) што се одржува во Сукре, Боливија. Останатите двајца натпреварувачи во македонската репрезентација, Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп и Виктор Максимоски од Гостивар освоија пофалници. Ова е историски најдобар успех на Македонија на овој натпревар, велат од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), кои го организираат нашето учество на престижниот натпревар. Средношколците се предводени од лидерите д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Јованов, претседател на ЗИМ, вели дека за прв годинава ЗИМ, како долгогодишен организатор на натпреварите по информатика, аплицираше за покривање на патните трошоци за патувањето до Министерството за образование и наука.

– После првичната одлука за делумно покривање на трошоците, во директна комуникација со министерката бевме уверени дека МОН целосно ќе ги покрие трошоците за нашето учество на олимпијадата. Особено ми е драго што за прв пат во МОН гледаме партнер кој го разбира значењето на ваквите олимписки претставувања на Македонија, и иако годинава трошоците за патувањето беа значително повисоки од вообичаените, Министерството изнајде начин да не поддржи. А ние, на надморска височина од 2800 метри го постигнавме досега највисокиот резултат за Македонија. Се надевам дека ја правиме државата горда, особено на денот на републиката, 2. Август – вели Јованов.

Тој додава дека учениците-информатичари од Македонија ја продолжија традицијата на одлични резултати на меѓународните олимпијади по информатика, овој пат постигнувајќи историски најголем успех.

– Ова е само уште еден доказ за континуираниот напредок и посветеност на младите македонски информатичари, кои со своето знаење, труд, но и остварени резултати, ја поставуваат Македонија на мапата на најуспешните држави во областа на информатиката – велат од ЗИМ.

Учениците кои се дел од македонскиот тим за ИОИ 2025 беа избрани преку целогодишен циклус натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите, а оваа година се одржуваше по 36. пат. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи. И годинава, циклусот натпревари беше организиран со поддршка на ФИНКИ и неколку општествено одговорни компании: Сорсикс, Нетцетера, Семос едукација и Винчини.

Македонија на ИОИ за прв пат како независна држава учествуваше во 1996 година. Оттогаш има завидни резултати споредено и со земји кои се значително поголеми: освоени 6 сребрени, 24 бронзени медали и 4 олимписки пофалници. ИОИ е водечки светски натпревар во областа на алгоритамско програмирање, наменет за средношколци, кој секоја година се организира во различна земја-членка на ИОИ заедницата. Ова е најпрестижен настан од ваков вид, на кој учествуваат внимателно селектирани млади таленти од целиот свет.

– На ИОИ се натпреваруваат ученици кои претходно минале низ повеќестепен селекциски процес на национално ниво и покажале највисоко знаење и способности во областа на информатиката. Учесниците се соочуваат со високо предизвикувачки задачи, преку кои ги демонстрираат и унапредуваат своите вештини за анализа на проблеми, дизајн на алгоритми, имплементација на ефикасни решенија, користење на напредни податочни структури, како и тестирање и оптимизација на код – велат од ЗИМ.

Секоја година, во околу 95 земји низ светот се организираат национални натпревари во програмирање, на кои учествуваат повеќе од 400.000 ученици. Само најдобрите од нив добиваат можност да ја претставуваат својата држава на ИОИ и да се натпреваруваат со врвните млади умови од сите краишта на светот – што се смета за особена чест и признание за секој млад програмер. ИОИ не само што претставува платформа за натпреварување, туку е и место за размена на идеи, градење на пријателства помеѓу идните лидери во технологијата и поттикнување на интернационална соработка и разбирање преку заедничка љубов кон информатиката. На годинашната ИОИ учествуваат вкупно 330 ученици од 86 земји од целиот свет.

Следната ИОИ ќе се одржи догодина во Узбекистан. Следен настан пак, кој им претстои на македонските ученици – информатичари, е Европската јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ), која ќе се одржи во Шумен, Бугарија, од 29 август до 4 септември.

The post Со две сребра за Македонија информатичарите од Боливија ни го честитаат Илинден first appeared on УМНО.МК.