Почеток СПОРТ Судиите му одговорија на МКФ: Ни беше даден ултиматум, по принципот „Земи или остави“

Судиите му одговорија на МКФ: Ни беше даден ултиматум, по принципот „Земи или остави“

sportplus.mk
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Не вообичаено, но викендов нема кошарка на терените ширум Македонија. Причината веќе јасна, бојкотот или штрајкот на кошаркарките арбитри. 

Откако вчера се огласија од Кошаркарската федерација на Македонија, префрлајќи ја вината на трета страна, сега со свое соопштение се огласи судиската организација. 

Судиите реагираа на соопштението на федерацијата, наведувајќи конкретни факти. Меѓу останатото, од страна на сеуште раководните луѓе, кон нив бил упатен ултиматум, по принципот „Земи или остави“.

Соопштението на кошаркарските судии ви во пренесуваме во целост.

СООПШТЕНИЕ ЗА МАКЕДОНСКАТА ЈАВНОСТ
Почитувани,
Со намера да се држиме до аргументите и да ја поштедиме јавноста од долги соопштенија, сакаме да ве запознаеме со следните факти:

– Македонските судии и делегати ги имаат најниските судиски такси во цела Европа;
– Федерацијата и клубовите ни должат над 1.710.000 денари по основ на судиски и делегатски такси и патни трошоци.

– Согласно член 44.2 во Пропозициите за натпреварување во младинските лиги, односно член 47.2 од Пропозициите за натпреварување во сениорските лиги, рок за исплата на трошоците на службените лица е 48 часа по завршувањето на натпреварот, нешто што е сериозно прекршено како обврска кон нас, како од КФСМ така и од клубовите;

– Последната уплата од КФСМ беше за кола одиграни до 18.1.2025 г. за Прва лига мажи односно за Прва лига жени и трета лига мажи одиграни до 1.2.2025 г.

– Поради ваквата состојба, одржавме состанок на ден 01.04.2025 на кој беа присутни речиси сите членови и донесовме ЗАКЛУЧОК за кој писмено ја известивме канцеларијата на КФСМ и засегнатите клубови дека очекуваме исплата до 8.4.2025. На состанокот беа поканети Претседателот на КФСМ Перо Антиќ и Генералниот секретар Владимир Георгиевски, но не дојдоа.

– На ден 08.04.2025 година, откако цела недела не добивме ниту став, ниту уплата од Федерацијата и клубовите, закажавме повторна средба на сите членови на Судиската организација на која дојде само Претседателот на КФСМ Перо Антиќ кој нè запозна со фактичката состојба, ги сослуша нашите ставови и изјави дека ќе ја почитува нашата одлука. На состанокот, кој продолжи зад затворени врати, беше донесена ОДЛУКА за престанок на судење и одложување на натпреварите сè до конечна исплата на сите наши побарувања, како од КФСМ така и од клубовите, и во иднина да се почитуваат Пропозициите за натпреварувања во делот на трошоците за службените лица. 

– Делумно или парцијално решение, какво што вчера ни понуди КФСМ, не е решение. За жал, сумата која ја имаат на располагање и која беа подготвени да ја платат, не покрива ниту 40% од вкупните долгови, а не понудија ниту план за исплата на остатокот од долговите;

– Предлогот на КФСМ не можеше да биде прифатен веднаш, туку беше јасно ставено до знаење дека МОРА да оди на изјаснување кај сите судии и делегати. Откако го добивме на мејл, ни беше даден ултиматум да се изјасниме во многу краток рок, по принципот „Земи или остави“. Предлогот беше одбиен со мнозинство од 96%, а на нашите сметки не e префрлен ниту денар од наменските средства од спонзорот на лигата.

– Во однос на иницијативата за промени во КФСМ, се оградуваме од какви било инсинуации и калкулации во поглед на очекуваното Собрание кое би требало да биде и изборно Собрание на КФСМ. Изричито напоменуваме дека без разлика дали ќе дојде до промена во раководењето со КФСМ или ќе остане истото раководство, нашите барања остануваат исти сè додека не бидеме целосно исплатени.

– Свесни сме дека проблемите нема да се решат со соопштенија и долготрајни одложувања, па затоа како најзасегната страна ќе бидеме во интензивен контакт со инволвираните чинители и во текот на викендов, во обид да се направи позитивен исчекор во корист на кошаркарскиот спорт во Македонија. 

– Во исто време ќе останеме во постојан контакт и со сите владини и невладини институции кои можат да помогнат во надминување на ситуацијата.

Спортски поздрав,
Судиска Комисија на КФСМ

The post Судиите му одговорија на МКФ: Ни беше даден ултиматум, по принципот „Земи или остави“ appeared first on Sport Plus Macedonia.

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro