Левица обвини за новиот план на Владата. Оттаму велат дека министерот за култура Зоран Љутков изјавил како планот на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН е да го приватизира културното наследство, што, според Левица, е да му се даде на приватниот капитал да ни ја раскажува историјата, да ни го обликува идентитетот.
-Зборовите на Љутков на дело беа покажани уште наредниот ден кога во јавноста одекна дека Општина Штип го продала хотелот „Гарни“, заштитен споменик од прва категорија, за 250.000 евра на фирмата „Памвеј инвест“, откако претходно и бил понуден на државата, а државата се откажала, истакнаа од опозициската партија.
Левица бара министерот и владеачката партија од каде што доаѓа да не си играат со културното наследство заради задоволување нечии апетити.
-Наместо приватизација, треба да се вложуваат ресурси во заштита, дигитализација и промоција на културното наследство преку јавни политики, соработка со експерти и вклучување на заедниците. Алтернативи како јавно-приватни партнерства со строго дефинирани услови може да бидат компромисно решение, но секогаш под надзор на релевантни институции, стои во партиското соопштение.
Пред неколку дена, Љутков во интервју предупреди на сериозната состојба со културното наследство, посочувајќи на недостаток од инфраструктура и системска грижа. Како пример го наведе Кокино, каде нема ни струја.
Тој најави законски измени кои ќе овозможат вклучување на приватниот сектор преку јавно-приватни партнерства, со цел одржливо управување и искористување на културното наследство. Во однос на архитектонскиот брутализам, Љутков рече дека прекривањето на оригинални објекти било погрешен пристап, но додаде дека постои можност тие да се вратат во првобитна форма.
Министерот за култура и туризам зборуваше за брутализмот ѝ за тоа што се случило со него до 2017 година. Според него, тоа не може да го оцени и оправда како правилна насока или прикривање на едно архитектонско дело и лепење врз него друго дело.
The post Левица бара Љутков и ВМРО-ДПМНЕ да не си играат со културното наследство заради задоволување нечии апетити appeared first on Локално.