Пратеникот Беким Ќоку ќе биде новиот координатор на пратеничката група на коалицијата „Влен“, која ќе биде составена од девет пратеници. Тој, ова го потврдил за Алсат, иако до Собранието се уште не е доставено официјално известување.
-До овој момент нема пристигнато никакво писмо по однос на прераспределба на пратеници во пратенички групи. Процедурата во однос на пратеничките групи во Собранието е уредена со Деловникот, информираа за МИА од Кабинетот на претседателот на Собранието Африм Гаши.
Досегашниот координатор на пратеничката група на Вреди, Халил Снопче, кој доаѓа од крилото на Алијансата на Албанците, предводено од Арбен Таравари, денеска во изјава за медиумите истакна дека тој се уште е координатор на пратеничката група на „Влен“ од 14 пратеници, бидејќи се уште не е формирана нова пратеничка група.
– Доколку со девет потписи се обратат до Собранието дека имаат формирано нова пратеничка група, тогаш по автоматизам ние ќе дејствуваме со наша пратеничка група од петмина пратеници, рече Снопче.
Преку Коалицијата „Влен“ од Алијансата за Албанците се пет пратеници – Мимоза Муса, Ријад Шаќири, Садик Сулејмани, Салим Сулејмани и Халил Снопче, а додека, пак, од трите други партии кои одлучија да делуваат како еден политички субјект – од „Беса“ пратениците Аднан Азизи и Калтрина Беќири, од Демократско движење – Мерита Колчи Коџаџику, Саранда Имери-Стафаи и Фериде Хаџиу, од Алтернатива – Африм Гаши, Беким Сали и Имрлије Салиу-Фетаи и Беким Ќоку од Самоопределувањето на Албин Курти.
Одлуката за формирање нова пратеничка група од страна на „Влен“ доаѓа по синоќешниот состанок на кој беше најавен мораториум на сите јавни политички активности на партиите што ја сочинуваат и соопшти дека отсега ќе делува како еден политички субјект. (МИА)