Почина поранешниот претседател на Уругвај, Хозе Мухика, попознат како Пепе. Тој имаше 89 години. Веста ја соопшти актуелниот претседател на земјата, Јаманду Орси, кој во својата објава напиша: „Ви благодариме за сè што ни дадовте и за вашата длабока љубов кон народот“.
Мухика беше претседател на Уругвај од 2010 до 2015 година и беше познат ширум светот како „најсиромашниот претседател“. Тој живееше скромно, во мала куќа на село во близина на Монтевидео, заедно со својата сопруга, сенаторката и поранешна герилка Луција Тополански, и нивното троножно куче Мануел. Возеше стар „Фолксваген Буба“ од 1987 година и одгледуваше цвеќиња со сопругата, кои потоа ги продаваа.
И покрај тоа што како претседател добивал месечна плата од 12.000 долари, тој донирал околу 90% од неа во добротворни цели — најчесто за сиромашните и малите претприемачи. Не користел телохранители, ниту официјални возила, што само дополнително ја зајакна неговата слика како скромен и близок до народот.
Мухика годинава јавно објави дека боледува од рак на хранопроводот, кој се проширил во црниот дроб. Со оглед на неговите хронични заболувања, тој одлучи да не се подложи на хемотерапија или операција. Тогаш искрено изјави: „Сакам да се збогувам со моите сопатници и сонародници. Единствено што барам е да ме оставите на мир. Воинот има право на одмор“. Хозе „Пепе“ Мухика ќе остане запаметен како претседател кој живееше онака како што зборуваше – со искрена љубов и посветеност кон обичниот човек.
The post Почина најсиромашниот претседател на светот appeared first on Локално.