Почеток ЕКОНОМИЈА Kаматната стапка се намалува за 0,25 п.п., на нивото од 5,8%

Kаматната стапка се намалува за 0,25 п.п., на нивото од 5,8%

еМагазин
0 коментари
A+A-
Ресетирај

На 22 октомври 2024 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за глобалната и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата беше оценето дека најновите услови во економијата овозможуваат да се продолжи со претпазливо нормализирање на поставеноста на монетарната политика.

Оттука, беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се намали за 0,25 п.п., на нивото од 5,8%. Каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена се непроменети, на нивоата од 4,20% и 4,25%, соодветно. Понудата на благајничките записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари.

„Со промената на каматната стапка на благајничките записи, при непроменети каматни стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена, се задржува внимателниот пристап кон водењето на монетарната политика. Ова се должи на контекстот којшто вклучува ризици поврзани со надворешното окружување, но и со домашните фактори коишто влијаат врз агрегатната побарувачка.

И натаму се очекува дека нивото на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки, ќе придонесе за ценовна стабилност на среден рок и за задржување на стабилноста на девизниот курс,“ информираат од Народна банка.

Одлуката за монетарната политиката е заснована на оцените за инфлацијата, којашто се движи во рамките на очекувањата, како и на постојаните поволни движења на девизниот пазар.

„Годишната стапка на инфлација во септември изнесува 2,6% (2,2% во август), при умерено забрзување на цените на храната, што е поврзано со поместената сезона на земјоделските производи поради неповолните временски услови и нивното негативно влијание врз приносите.

Сепак, базичната инфлација бележи намалување во однос на претходниот месец и има стабилни движења на годишна основа, а цените кај енергетската компонента бележат натамошен пад. Со оглед на пониската споредбена основа од 2023 година (поради минатогодишните мерки за привремено ограничување на растот на цените), до крајот на годината е можна определена променливост во годишната стапка на инфлација, но во просек за целата 2024 година се очекува дека инфлацијата ќе биде во рамките на априлскиот циклус проекции, односно 3,5%,“ се додава во соопштението.

Во анкетите на ЕК за очекувањата на потрошувачите, веќе шест месеци по ред преовладуваат очекувања за намалување на цените во следниот период. Во однос на берзанските цени на примарните производи, најновите прогнози се ревидирани надолу, во согласност со зголемената понуда и намалената побарувачка, што е поврзано со изгледите за економскиот раст.

„Економскиот раст во вториот квартал на 2024 година забрза и изнесува 2,3%, што е речиси идентично со проекциите на Народната банка. Исто така, и растот остварен во првата половина од годината од 1,8% е блиску до нашата проекција од 1,9%.

Високофреквентните податоци за третиот квартал од 2024 година со кои се располага во моментов упатуваат на натамошно забрзување на економскиот раст. Засега, податоците за јули и август, во просек, покажуваат раст на индустриското производство, наспроти падот во претходниот квартал, а умерено забрзување на реалниот годишен раст се забележува кај прометот во вкупната трговија.

Поволни поместувања се забележуваат и во градежниот сектор и угостителството, заклучно со расположливите податоци за јули. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со интензитетот на остварувањето на домашните инфраструктурни проекти,“ велат од Народна банка.

The post Kаматната стапка се намалува за 0,25 п.п., на нивото од 5,8% appeared first on еМагазин.

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro