
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во саботата дека Индија и Пакистан се согласиле на „целосен и моментален прекин на огнот“ по четиридневната размена на прекугранични удари.
Пакистанскиот министер за надворешни работи, Ишак Дар, исто така, изјави дека двете земји се согласиле на прекин на огнот што ќе стапи на сила веднаш.
„По долга ноќ преговори со посредство на САД, мило ми е што Индија и Пакистан се согласија на целосен и моментален прекин на огнот. Им честитам на двете земји за нивниот здрав разум и голема интелигенција“, објави Трамп на својата платформа Truth Social.
Ескалацијата на тензиите меѓу двете нуклеарни сили беше предизвикана од терористичкиот напад во индискиот дел на областа Кашмир последната седмица од април, во кој загинаа 26 лица, претежно индиски туристи.
Њу Делхи го обвинува Исламабад за вмешаност во нападот. Пакистан негира вмешаност и бара независна истрага. Пакистан и Индија контролираат делови од Кашмир, кој е населен со мнозинско муслиманско население.
Во текот на четиридневниот конфликт, 66 цивили беа убиени од двете страни на границата.
Ситуацијата се влоши во саботата откако Пакистан започна напад врз соседната земја во кој тврдеше дека уништил индиски систем за воздушна одбрана со хиперсонични ракети. Овој напад беше изведен откако Исламабад објави дека индиската војска истрелала врз неколку пакистански воени бази.
Во објава на X, пакистанската влада соопшти дека индиските напади, насочени кон три воени бази во Пакистан, биле одбиени без жртви или штети.
Пакистанската војска објави дека го нападнала индискиот град Адампур во државата Пенџаб, уништувајќи го „системот С-400“ вреден 1,5 милијарди долари. Исламабад соопшти дека Пакистан започнал контраофанзива за да ја одбрани својата територија, воздушен простор и национална безбедност.
По пакистанскиот напад, Индија објави дека „сите непријателски дејствија биле ефикасно потиснати и на нив било одговорено на соодветен начин“.
Министерот за одбрана на Пакистан, по нападот на неговата земја врз индиските воени објекти во саботата, негираше дека Пакистан свикал состанок на телото кое ја надгледува употребата на нуклеарно оружје. Хаваџа Асиф изјави дека не е закажан состанок на Националната команда, највисокото воено и цивилно тело кое го надгледува нуклеарниот арсенал на земјата, по воената операција на Пакистан против Индија спроведена рано наутро во саботата.
„Не е одржан состанок на Националната команда, ниту пак е закажан таков состанок“, изјави тој за телевизијата ARY.
Пакистанската војска претходно објави дека пакистанскиот премиер го поканил телото на состанок.
Американскиот државен секретар Марко Рубио во саботата разговараше со началникот на пакистанската армија, генерал Асим Мунир, и со индискиот министер за надворешни работи Субрахманјам Џајшанкар, повикувајќи ги двете страни да ја деескалираат ситуацијата и „повторно да воспостават директна комуникација за да се избегнат погрешни пресметки“.
netpress.com.mk